Софија протест #ГаzWithMe

Во Софија повторно протест #ГаzWithMe против намерата на техничката влада да се купува руски гас

Стотици демонстранти се собраа вчеравечер пред Кабинетот на претседателот на Бугарија, во најстрогиот центар на Софија, да протестираат против намерите на техничката влада на Бугарија повторно да купува гас од руски Газпром, јави mediapool.bg.

Ова е вториот протест #ГаzWithMe – првиот се случи пред една седмица.

„Гасот од внатрешно-политички проблем веќе се претвори во надворешно-политички. Интересот на Бугарија е да сме адекватни и со сè потесна интеграција со ЕУ и НАТО. Бугарската демократија треба секојдневно да се штити, но претседателот се обидува да ја дресира. Нашиот претседател нè управува преку телевизорот, по примерот на својот колега Ким Џонг Ун и по примерот на Владимир Путин. Скандирате „Радев, надвор!“, но тој воопшто не требаше да биде пуштан внатре“, рече пред масата демонстранти Асен Генов, алудирајќи на политичкото поведение на бугарскиот претседател Румен Радев кој многупати досега, а и по почетокот на руската инвазија на Украина, се ставаше на страна на Русија.

Техничката влада составена од него по неуспехот на најголемите политички партии да формираат коалициска влада, ја објави намерата како една од можностите да купува и руски газ. Тоа претходната влада на Бугарија го одби уште во април.

На вчерашниот протест во Софија беше објавена намерата протестите да продолжат и да се одржуваат секоја среда, јави Бугарското национално радио (БНР).

„Ќе продолжиме со граѓанската контрола. За нас е многу важно оваа службена влада да не ги надминува границите на дозволеното за службена влада“, објасни Вера Стаевска од иницијативата „Зелени закони“, еден од организаторите на вчерашниот протест.

Од протестот беа испратени седум прашања до парламентарните партии, до техничката влада и до претседателот Радев.

„Има линија од граѓаните, за којашто мислам дека нема да дозволиме владата да ја прекине – диверзификацијата на гасот. Затоа прашавме со кои добавувачи, со кои земји, Бугарија ќе склучи договори за набавка на гас и кога ќе бидат склучени тие договори, во контекст на рокот – 19 август – за да се потврдат обврските превземени од кабинетот на Кирил Петков“, објасни Стаевска.

Второто прашање е организирањето на фер избори и кои се првите чекори што ќе се преземат за такви избори.

Третото прашање е како владејачката гарнитура ќе ја зацврсти воената одбрана на Бугарија како членка на НАТО во контекст на војната во Украина.

Четвртото прашање е каква хуманитарна политика за украинските бегалци се планира за следните шест месеци.

Петтото прашање е за ставот на власта во врска со барањата за екстрадирање во Русија на руски граѓани што се произнеле против војната во Украина.

Шестото прашање е за чекорите и за роковите за започнување преговори за приклучување на Бугарија на ОЕЦД, што како намера го објави кабинетот на Петков, на кој му беше изгласана недоверба.

Седмото прашање е „Чиј е Крим?“, пренесува БНР.

„Тоа е прашање на коешто Румен Радев одговори на скандалозен начин. Очекуваме владејачката гарнитура да ја објави својата позиција од гледна точка на тоа дека Бугарија е членка на Европа и НАТО и не би требало да признава агресија“, вели Стаевска.

Таа објасни дека организаторите добиле одговори од „Демократска Бугарија“ (ДБ), „Продолжуваме со промената“ (ПП) и „Ние доаѓаме“.

„По руската цевка тече корупција. Не се точни тврдењата што истекуваат од телевизорите дека ќе останеме без гас. Не смее земјата да се враќа кон енергетска зависност од Русија. Купувањето руски гас е директно финансирање на руската воена машинерија, финансирање на тероризмот“, порача музичарот и поранешен пратеник на ДБ, Стојан Михалев, пренесе mediapool.bg.

Учесниците на протестот рекоа дека во 16 часот утре ќе отидат до министерството за енергетика и ќе го натераат министерот Росен Христов да потпише декларација дека нема да потпишува договори за набавка на руски гас.

Росен Христов, пак, за Бугарската национална телевизија изјави дека техничката влада нема да потпишува долгорочни договори за набавка на гас, но не е исклучено краткорочни да бидат потпишани и со руски Газпром, „но тоа е последната варијанта“, пренесува mediapool.bg.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Западен Балкан под ризик од меѓуетничко насилство во 2024, проценуваат американските разузнавачи

Во годишниот извештај за глобалните закани на Разузнавачката заедница на Соединетите Држави, се наведува дека …