Војна во Украина: Зошто „Леопард 2“ е толку баран?

Војна во Украина: Зошто „Леопард 2“ е толку баран?

Украина бара испорака на германските тенкови „Леопард 2“ затоа што верува дека со ова оружје ќе направи пресврт во војната во своја полза. Берлин уште се колеба. Но, што го прави „Леопард 2“ толку посакувано оружје?

Досега Украина главно се потпираше на тенковите Т-72 од советско време. Некои од нив ги заробија и од руските трупи. Но, за пресврт на боиштата ѝ е потребно помодерно оружје. Владата во Киев затоа веќе подолго време бара меѓународна испорака на борбени тенкови, а од Германија посебно тенковите „Леопард 2“. Овој модел е технички посупериорен од руските тенкови.

На Украинците тенковите „Леопард 2“ им се потребни за пробивање на непријателските линии, веќе подолго време, на прилично статичната рововска војна. „Тенкови ни се потребни за да ја спасиме нашата енергетска инфраструкура, за да ги спасиме Украинците од злосторство“, ѝ нагласи неодамна Дмитро Кулеба, украинскиот минстер за надворешни работи, на германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, за време на посетата на источна Украина. Кулеба го зголеми и притисокот на Германката што побрзо да се одобри испораката на бараните тенкови. „Што подолго трае оваа одлука, толку повеќе луѓе ќе умрат поради недоволно вооружување на украинската војска“, рече тој.

Украина од самиот почеток во целост е зависна од западното вооружување. Германија, додуша, веќе испорача мобилни хаубици и оклопни возила „Гепард“ и „Мардер“, но сѐ уште се двоуми околу испораката и издавањето дозвола на другите земји за испорака на „Леопард 2“, повикувајќи се на сѐ уште недоволно цврстиот став на НАТО партнерот околу ова прашање.

Безбеден и модерен тенк

Но, зошто токму „Леопард“ е толку пожелен? Овој, околу 60 тони тежок и 10 метри долг тенк се смета за еден од најдобрите и најмодерните борбени тенкови во светот: моменталната верзија на главниот борбен тенк „Леопард 2 А7“ се испорачува од 2014 година. Германската фирма Краус-Мафај Вегман испорачала над 3.500 тенкови „Леопард 2“ од почетокот на производството во 1978 година.

„Леопард 1“- постарата генерација на бараните германски тенкови
„Леопард 1“- постарата генерација на бараните германски тенкови

Неговото главно вооружување е топ со таканаречена мазна цевка од 120 милиметри. Неговата најголема борбена оддалеченост е 5.000 метри и во состојба е да отвора оган како во мирување така и во движење. Според Бундесверот, предностите на овој тенк се во комбинацијата на огнена моќ, оклопна заштита и придвижливост. Достигнува брзина до 70 километри на час, а го придвижува релативно економичен мотор кој користи дизел.

И токму способноста за отворање оган во движење, па дури и наназад, е она што го прави „Леопард„“, но и другите модерни тенкови, како американскиот „Абрамс“ или францускиот „Леклер“, супериорен. „Овие тенкови можат да отвораат оган и додека се движат со полна брзина. Тоа руските тенкови, како на пример Т90, не го можат“, вели Ралф Ратс, специјалист за воена историја и директор на германскиот музеј на тенкови. Освен тоа, како што вели тој, „Леопард“ е безбеден и лесен за одржување. Освен Германија, моментално го користат уште најмалку 14 нации во различни прилагодени варијанти.

Германија мора да даде зелено светло

Зошто сега сите очи се вперени кон Берлин? Не се работи само за тоа дека Германија сама ги извезува тенковите „Леопард“. На нови нарачки, како што порачаа во Краус Мафај Вегман, и онака се чека со години. Според тврдењата на фирмата Рајнметал, која, исто така, учествува во производството на тенковите, дури и повторното оспособување на употребените „Леопарди“ трае и до една година. Се поставува и прашањето колку „Леопарди“ поседува воопшто Бундесверот. Некои статистики зборуваат за 220, но дури и новиот министер за одбрана, Борис Писториус, веднаш по преземањето на должноста минатата недела прво наложи да му се достави точен попис и расположивост на бараните тенкови. Според некои стари пописи, Бундесверот во моментов би можел веднаш да препушти 19 тенкови кои инаку служат за обука.

Но, своите  „Леопарди“ на Украина не смеат да ѝ ги препуштат ни земјите кои ги поседуваат. Според германските закони, имено, и земјите кои веќе ги поседуваат овие тенкови и сакаат да ги препуштат на Украина, за проследување во трети земји е потребна дозвола од Берлин. А, токму околу ова прашање германската влада, на неразбирање на Полска и на Финска кои сакаат ги препуштат своите тенкови на Украинците, се двоуми.

Комплициран извоз: Германскиот министер за одбрана Писториус со американскиот и со украинскиот колега Остин и Ресников
Комплициран извоз: Германскиот министер за одбрана Писториус со американскиот и со украинскиот колега Остин и Ресников

Германија не сака да биде учесник во војната

Меѓутоа, како што објаснува министерот за правда Марко Бушман, како и со другите испораки на оружје, Германија, според меѓународното право, нема автоматски да стане учесник во војната со испорака на борбени тенкови. „Украина е во право затоа што води војна за самоодбрана. Според меѓународното право, на Германија ѝ е дозволено да испорачува оружје на Украина. Тоа не не прави  страна во војната, без оглед за какво оружје станува збор“,  рече Бушман.

Кога Борис Писториус беше назначен за министер за одбрана, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер јасно стави до знаење дека Германија не е во војна, но дека сега мора да реагира на заканите кои ѝ се упатуваат и нејзе. Писториус претходно зборуваше за посредна вмешаност на Германија во војната. Без оглед на испораките на оружје, западните сојузници на Украина постојано нагласуваат дека тие самите не се страни во војната. Земјите од одбранбената алијанса на НАТО не се директно воено вклучени во конфликтот и сакаат да го задржат таквиот статус.

Прочитајте повеќе

Макрон повика на запирање на испораката на оружје за Израел и фокусирање кон политичко решение

Макрон повика на запирање на испораката на оружје за Израел и фокусирање кон политичко решение

Израелскиот премиер Нетанјаху, пак, во видео порака рече дека Израел ќе победи со или без …