Војната во Украина го доближи „Часовникот на Судниот ден“ на 90 секунди до пропаста на човештвото

Човештвото е на само 90 секунди од својата пропаст, односно до отчукувањето на полноќ на „Часовникот на Судниот ден“. Ова е метафората за тоа колку човештвото е блиску до самоуништување, според Билтенот на атомските научници кој го поместува времето на неколку години. Според нив, никогаш не сме биле поблиску до апокалипса, пренесува „Врџ“.

Иако е само метафора, одлуката да се придвижат стрелките на часовникот поблиску до полноќ ги одразува ризиците од реалниот свет. Часовникот на „Судниот ден“ сега е поставен на 90 секунди до полноќ, во главно, но не и исклучиво поради руската инвазија на Украина и зголемениот ризик од нуклеарна ескалација. Новото време на часовникот било под влијание и на континуираните закани предизвикани од климатската криза и рушењето на глобалните норми и институции потребни за да се ублажат ризиците поврзани со напредните технологии и биолошките закани како ковид-19, велат од Билтенот на атомските научници.

Ширењето на дезинформациските кампањи, исто така придонело кон приближување до „судниот момент“.

Билтенот на атомските научници е организација која се занимава со науката и глобалните безбедносни прашања кои произлегуваат од забрзаниот технолошки напредок што има негативни последици за човештвото.

За првпат во историјата, изјавата за приближувањето кон пропаста на човештвото е објавена на англиски, руски и украински јазик.

Во соопштението се вели дека руската инвазија на Украина го зголемила ризикот од употреба на нуклеарно оружје, го зголемила спектарот за употреба на биолошко и хемиско оружје, го попречила одговорот на светот на климатските промени, како и меѓународните напори за справување со други проблеми.

Претседателот и извршен директор на Билтенот, д-р Рејчел Бронсон рече дека живееме во време на невидена опасност, а времето на „Часовникот на Судниот ден“ ја одразува таа реалност.

„90 секунди до полноќ е најблиску што некогаш часовникот бил поставен до полноќ и тоа е одлука што нашите експерти не ја сфаќаат лесно. Владата на САД, нејзините сојузници во НАТО и Украина имаат мноштво канали за дијалог. Ги повикуваме лидерите да ги истражат сите до нивната целосна способност да го вратат часовникот назад“, рече Бронсон.

Часовникот последен пат беше поместен напред во 2020 година, кога се помести на 100 секунди до полноќ. Часовникот тогаш беше поставен пред коронавирусот да прерасне во пандемија подоцна истата година.

Кога беше создаден од уметникот Мартил Лангсдорф во 1947 година, часовникот започна да одбројува 7 минути до полноќ. Тогаш научниците го создале „Билтенот“ за да се справат со последиците од развојот на моќно оружје, откако САД фрлија две атомски бомби на Хирошима и Нагасаки во 1945 година. Оттогаш до денес часовникот е поместен 25 пати.

За времето на часовникот одлучува Одборот за наука и безбедност, заедно со придонесот од Одборот на спонзори во кој оваа година биле вклучени 11 Нобеловци.

Добрата вест е дека стрелките на часовникот можат исто така да се движат и наназад кога луѓето преземаат чекори за мир и заштита на планетата. Со крајот на Студената војна во 1991 година, стрелките на часовникот се вратија на 17 минути, најдалеку што некогаш биле од полноќ.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Нов земјотрес во Турција, на пат се спасувачки тимови од ЕУ

По првиот силен земјотрес, Турција доживеа нов потрес – размерите на катастрофата на турско-сириската граница …