Патот до ЕУ да го изодиме гордо и достоинствено

Патот до ЕУ да го изодиме гордо и достоинствено

Пишува: Сотир Габелоски

Достоинството на македонските граѓани стана државен интерес важен колку и евроинтеграциите. Време е да поработиме на тоа.

Во новогодишната колумна посакав во 2023 година да видиме маку повеќе достоинство во спроведувањето на политиките. Очигледно граѓаните се чувствуваат понижени после сите случувања во односите меѓу Бугарија и Македонија. Токму заради нарушеното достоинство и доверба во ЕУ, желбата за интеграција во оваа заедница кај македонските граѓани се намалува.

2023 почна бурно, исто како и што заврши старата 2022. Бугарија продолжи со провокации, а нашите овде во желба да не дозволат ништо да го наруши патот кон ЕУ изјавуваат и меѓусебно се надмудруваат кој ќе изрази повеќе сочуство и осуда за немилите настани со секретарот на здружението „Цар Борис Трети“. Иако овие изјави се во насока да не се дозволи провокациите да ја исполнат целта, а тоа е да се создаде слика дека државата ги угнетува малцинствата, особено Бугарите, тие наштетуваат внатрешно и го нарушуваат целиот процес на уставни измени кој мора да се спроведе.

Мислам дека многу јасно ја разбираме целта во ваквото однесување. Премиерот и министерот за надворешни работи имаат јасни приоритети – продолжување на преговорите и влез во ЕУ без пречки. Но, од друга страна, секој ден чувствуваме дека достоинството ни’ е нарушено. Да, граѓаните се за ЕУ, но очигледно цената, барем во нашите глави, станува се’ поголема.

Европратеници и бугарски граѓани доаѓаат тука и ни’ кажуваат дека нашата држава била бугарска?! Се создаваат здруженија кои треба да бидат претставници на бугарската заедница, но всушност се провокација која треба да предизвика реакција од наша страна. Бугарија, иако дел од ЕУ, не го признава македонскиот јазик, а со тоа не го признава постоењето на нацијата. Се чини дека ова е премногу и граѓаните не можат по оваа цена да продолжи интеграцијата во ЕУ.

Улогата на Бугарија во ЕУ е сепак значајна. Важно е тоа да го знаеме. И покрај нискиот степен на развој на ниво на Унијата, државата има значаен удел особено во период на војна во Украина. Пред неколку денови во европските медиуми излезе информација дека Бугарија на почетокот на војната во Украина играла клучна улога во снабдување со дизел гориво и оружје. Тоа е направено за време на премиерот Кирил Петков, кога САД и Велика Британија во партнерски однос со земјата го спроведуваат процесот. Кратко после ова, Бугарија е мета на многу сајбер напади, а влијанието на Русија е во обид да се зголеми.

Со сите овие провокации, сите немили настани, однесувањето на нашата влада, бугарската влада и ЕУ, Македонија мора да ги спроведе уставните измени. Реториката која се шири во македонско-бугарските односи го отежнува овој и така исклучително тежок процес. Ај што малку ни беа уставни измени за да помине Преспанскиот договор, сега уставните измени се проследени со провокации кои траат и траат, а самиот процес на внесување на Бугарите во Уставот и така сложен, станува се’ покомплексен. Како сега ќе ги убедиме граѓаните дека тоа е правилната одлука?

Околностите се такви какви што се. На геостратешките политики и интереси можеме да делуваме само со јасна определба за ЕУ, но мораме да покажеме достоинство за вистински да ги почуствуваме придобивките од Унијата. Време е политичарите да покажат достоинство за државата, затоа што начинот на кој сега се водат политиките води кон долгорочен револт и гнев не само кон Бугарија, туку и кон цела ЕУ. Време е да ги ставиме работите на вага.

Прочитајте повеќе

Колумна на Стефан Богоев: Извинете, згрешивме!?

Колумна на Стефан Богоев: Извинете, згрешивме!?

Колумна на Стефан Богоев за неделникот „Фокус“ Извинете, згрешивме!? Почитувани граѓани, драги читатели, за многумина …