Основниот суд во Битола донесе втора пресуда против базенот „Довлеџик“, поради директна дискриминација и повреда на правото на еднаквост на неколку Роми, со тоа што не им дозволил влез на базенот на 12.08.2017 година поради нивната етничка припадност. Судот му нареди на правното лице кое управувало со базенот да ја прекине практиката за одбивање влез на базенот за Роми и исплата на оштета во висина од 10.000 денари за секој тужител поединечно.
Оваа е веќе втора пресуда на македонските судови, во кои како доказ се прифаќа тестирање на ситуација која е организирана од страна на Европскиот Центар за правата на Ромите. Во оваа постапка тимот на ЕЦПР меѓу кои и Сенада Сали, правник во ЕЦПР, Адвокат Кети Јандријеска Јованова адвокатка од Скопје и Мустафа Асановски монитор од ЕЦПР, на 12.08.2017 година во соработка со локалната НВО „Баирска Светлина“ од Битола, организираше тестирање за дискриминација во Битола во кое беа вклучени шестмина Роми и петмина граѓани од друга етничка припадност, а подоцна резултатите од ова тестирање беа поднесени до судот како доказ. Притоа, на сите лица кои не се Роми им било дозволено да влезат на базенот, додека на Ромите им бил забранет влез.
Овие две пресуди на Основниот суд во Битола праќаат порака дека Ромите не смеат повеќе да бидат дискриминирани и ќе имаат позитивен ефект за Ромите во Битола.
„Пред се’ ова е голема победа на Ромите од Битола, кое секое лето се соочуваа со расна дискриминација на локалните базени, а истото тешко можеа да го докажат. Токму тестингот ни помогна да собереме доволно докази за ваквата систематска пракса и соодветно да го претставиме проблемот пред Судот. Несомнено, пресудата од ваков вид претставува прецедент во македонското судство (а верувам и во регионот). Значајно е тоа што Судот најде директна дискриминација на група граѓани во однос неколку заштитени основи истовремено : етничка припадност, боја на кожа и пол. Искрено, се надевам дека ваквата пресуда ќе служи како лекција за потребата од толеранција и соживот меѓу различните заедници во државата”, вели Сенада Сали, правник во ЕЦПР.
„Значајно во овој предмет е и тоа што за прв пат во Република Македонија е донесена позитивна
судска пресуда со која на невладина организација, во конкретниов случај на Европскиот Центар за правата на Ромите, и’ се признава правото на активна легитимација да биде тужител во судската постапка согласно чл.41 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Во моментов ЕЦПР се јавува како тужител во уште неколку судски постапки и очекуваме и другите судии да го следат овој пример“, изјави адвокатот Кети Јандријеска Јованова од Скопје, која ги застапуваше Европскиот Центар за правата на Ромите и останатите тужители во постапката.