When in Krusevo – Фестивал со голем потенцијал и мали ресурси

When in Krusevo – Фестивал со голем потенцијал и мали ресурси

Пишува: Сотир Габелоски

Фестивалот на отворено „Вен ин Крушево“ (When in Krusevo), има голем потенцијал да расте и да привлекува многу повеќе туристи на национално и меѓународно ниво. Оваа година фестивалот донесе повеќе од 3.000 посетители, а бројот на учесници се зголемува од година во година.

Еколошкото здружение „Аутдор манифест“ веќе трета година по ред го одржува фестивалот When in Krusevo, кој опфаќа планинарски и велосипедски тури, пловење со кајак на Крушевско езеро, дегустација на храна, јога часови, концерти под отворено небо, а од годинава и јавање на коњи. Настанот нуди голем избор на спортски активности и искористување на природниот потенцијал на Крушево.

Овој настан е поддржан од многу приватни компании и од Општина Крушево, но неопходно е неговото одржување да биде дополнително финансиски поддржано, за да го искористи максимално својот потенцијал.

„По мое мислење, искористуваме само 30 отсто од потенцијалот на When in Krusevo. Не се работи за многу пари кои требаат за организацијата, но со уредување на просторот каде што се одржуваат најголемиот број на активностите, околу Крушевско езеро, ќе се постигне многу“, вели Антонио Кузманоски, еден од организаторите на Фестивалот.

Околината каде што се одржуваат вечерните концерти се наоѓа на едно од игралиштата на спортскиот комплекс на „Гумење“, а кампинг зоната, заедно со јога часовите и кајак турите, се случуваат околу вештачкото езеро. Патот кој води до овој простор е тешко пристапен, односно земјен пат кој може да наштети на животната средина.

Токму овој пат е едно од најголемите потреби на фестивалот When in Krusevo, но и на многу други настани кои би се одржувале во иднина на овој простор.

Градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски пред неколку дена потпиша договор за реконструкцијата на овој пат, во рамки на Програмата за рурален развој имплементирана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

„Реализацијата на проектите ќе обезбедат подобра патна инфраструктура за младите и за туристичките атракции во делот на комплексот Крушевско езеро, но, секако, и подобар изглед и функционалност на овој дел“, изјави Христоски по потпишувањето на договорот.

Но, неопходна е и дополнителна финансиска поддршка за одржувањето на самиот Фестивал, со цел привлекување на повеќе посетители и вклучување на повеќе разновидни содржини, што е и цел на организаторите на фестивалот и Општина Крушево. Меѓутоа, она што исто така недостига, е поголема поддршка од локалното население.

„Настанот е слабо поддржан и посетуван од локалното население, што е чудно, но мора да се промени и тој да добие поголема важност. Локалната свест и акција е клучна движечка сила со цел сите заедно да го подигнеме Фестивалот на едно повисоко ниво и секое наредно издание да биде се подобро и повеќе посетено“, вели Наум Прешоски, учесник на When in Krusevo.

Сепак, организаторите од еколошкото здружение „Аутдор манифест“ се задоволни од годинешното издание за кое застанаа многу приватни компании, здруженија и државни институции.

„Им се заблагодаруваме на сите оние кои ја препознаа идејата, концептот на When in Krusevo, и несебично го поддржаа овој настан. Оваа година, како што очекувавме, Фестивалот растеше и се надеваме дека ќе продолжи да расте и во наредните години. На годинешниот фестивал имавме над 400 учесници, што е значително подобрување во одност на минатата година кога имавме околу 300.“, вели Димитар Ангелкоски од „Аутдор манифест“.

Од Општина Крушево исто така го изразија своето задоволство по завршувањето на настанот.

„Фестивалот ги исполни нашите очекувања. Градот беше исполнет и она што беше понудено е она што Крушево најдобро го знае. До крајот на летото продолжуваме со многу активности и настани како параглајдинг натпревари, фестивалите ‘Крушево Будно’ и ‘П.С. Гитар фест’, манифестацијата НКС „Десет дена Крушевска Република“, Крушево низ корија, ФИС Ролер ски куп Тоше Проески и многу други“, се вели во соопштението на Општина Крушево.

Останува на државните институции со асистенција на приватниот сектор да го „поплочат“ патот до искористување на потенцијалот на овој, но и на многу други фестивали за исполнување на она што е за сите заедничко – создавање богата туристичка понуда и привлекување повеќе посетители во Крушево.

Прочитајте повеќе

Сите македонски претседатели - од Глигоров до Пендаровски

Сите македонски претседатели – од Глигоров до Пендаровски

Од 1991 година досега, петмина претседатели избрани од парламентот и од народот ја имале привилегијата …