За државата и Денот на младоста кои повеќе ги нема

За државата и Денот на младоста кои повеќе ги нема

Пишува: Зоран Милошески

И после 40 години од смртта на Тито и 28 од официјалниот престанок на постоење на СФРЈ, не бледнеат ниту спомените, ниту контроверзите за некогашната заедничка држава.

Беше ли Југославија земја на слободни граѓани, или стануваше збор за комунистичка држава, налик на многуте од тогашниот Источен блок? Што беше Тито – диктатор или државник и лидер? Кој ја растури државата – надворешниот фактор, или внатрешното трио Милошевиќ-Туѓман-Изетбеговиќ?

Многу прашања, уште повеќе спротивставени мислења, а најмногу од се’ – сеќавања. Кога е во прашање дефинирањето на системот во кој живеевме и барањето одговори на сите поставени и претпоставени прашања поврзани со функционирањето на државата, тоа ќе им го оставам на историчарите и политичките аналитичари. Овде ќе се задржам на ситниците кои за милиони луѓе значеа – живот.

Споменувајќи ги моментите за незаборав кои засекогаш останаа врежани во сеќавањата на братските народи и народности, невозможно е во еден текст да се опфати сето она што како понуда стоеше на „менито“ на тогашната наша „Југа“.

И баш ми е гајле дали некој од „патриотите“, оние кои останале заглавени во времето помеѓу освојувачките походи на Александар и братоубиствените колежи на Ќосето, ќе ме нарече југоносталгичар или предавник. Оти нивниот ментален склоп го нема капацитетот да ја сфати поентата на текстот, уште помалку вредностите за кои пишувам.

Да им го објаснуваш терминот „безвременска убавина“ на оние кои ја немале можноста да живеат во времето кога беше привилегија да се поседува ЈУ пасош, или на тие другите на кои етно-национализмот им ја одзел способноста со сите свои сетила да ја впијат магијата на Јадранското море и Плитвичките езера, на Златибор и Копаоник, Пореч и Умаг, на Блед и Бохињ, Хвар и Брач, Дубровник и Сараево, на Бечиќи и Свети Стефан…, е исто како на жабата во бунарот да и’ раскажуваш за големината на небото.

Слобода во движењето за државјаните на Југославуја, нешто толку значајно и непознато за граѓаните од тогашните комунистички држави како Бугарија, Романија, Албанија или Чехословачка, значеше да се качиш на возот во Битола и без да го напуштиш купето, со покажување на црвената патна исправа и без никакво царинско тормозење и тресење до гола кожа, да стигнеш до, на пример, Минхен. Слобода значеше и кога земајќи здив од возењето до „наше море“, ќе го паркираш „фиќото“, „стокецот“ или „фиатот 1300“ покрај патот, таму каде те совладал уморот, и тука ќе ја поминеш ноќта, без страв дека изутрина автомобилот ќе го најдеш на столпчиња, а куферите расфрлани по околните ниви.

Културата и спортот беа мостови кои обединуваа и преку кои секој од народите, секоја од Републиките, можеше да ја истакне и да ја задржи својата особеност. Впрочем, сите наши културни манифестации со кои денес се гордееме: „Охридско лето“, Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, Мајските оперски вечери, Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, своите почетоци ги имаа во сега непостоечката држава. ФК „Вардар“ стана шампион на истата таа држава. Шабан Сејдиу, Аце Русески, Стојна Вангеловска, Шабан Трстена и плејада други македонски спортисти, се закитија со медали од Олимпијади, светски и европски првенства, носејќи го дресот со југословенскиот државен грб.

Она по што, меѓу другото, СФРЈ беше препознатлива во светот и што стана нејзин заштитен знак и традиција, беа работните акции. Кој не бил, останал посиромашен за едно незаменливо животно искуство. Патриотизам, солидарност, љубов, младост-лудост… се’ на едно место. „Козара“, „Ѓердап“, „Палиќ“, „Градишка“, „Мариово“, „Козјанско“. Ударнички значки, колички полни со камен и песок, утринска фискултура, кревање знаме, повечерје, одење „во партизани“, „хеј, хај бригаде“… средби со насмевки и разделби со солзи. Писма во боја кои месеци потоа стигнуваа од Данијела од Задар, Наташа од Смедерево, Шејла од Цазин, Анте од Сплит, Даворка од Сисак… „лијепи тренуци носталгије, љубави и сиромаштва“.

И конечно, Тито. Кој беше, што беше… ѓавол ќе го знае!?

А беше и претседател, и маршал, и бравар, и војсководач, и популист, и хедонист и вешт политичар. Човек кого го сакавме и во кој се колневме. Опеан во песни и овековечен во филмови. Политичар чиј роденден го славевме за Ден на младоста, во чија чест носевме штафета. Шармер од калибар на најголемите ѕвезди од светскиот џет-сет. Државник кој со иста почит беше пречекуван и во Вашингтон, и во Пекинг. Лидер на чиј погреб присуствуваа над 200 државници од светската политичка елита.

Иако почива во „Куќата на цвеќето“, Маршалот не беше цвеќе за мирисање. Како, впрочем, никој ни досега, ни отсега. Ама затоа она што еднаш некој го кажал, ќе остане за навек како непобитна вистина: дека она што во негово време се изгради, денешните политичари не можат ни да го офарбаат, камоли пак да изградат нешто слично.

„Стариот“ беше закон!

Прочитајте повеќе

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

Соопштение за јавност на СДСМ Ништо не е променето во ДПМНЕ. На митинзите на ДПМНЕ …