За пациентите со лесна клиничка слика, лекувањето во приватна болница чини во просек околу 6.000 евра

За пациентите со лесна клиничка слика, лекувањето во приватна болница чини во просек околу 6.000 евра

Пациент позитивен на ковид-19 со лесна клиничка слика на болеста, без коморбидитети и претходни посериозни болести и без хронични заболувања, треба да издвои околу 6.000 евра ако сака да се лекува во една од приватните болници. Оваа бројка се добива ако се помножи сумата за болнички ден (36.000 денари) со десет денови, колку што, како што велат од приватната клиника „Жан Митрев“, во просек лежи во болница еден пациент со полесна клиничка слика.

Прашањето за цените на лекување од ковид-19 во приватни болници се наметна периодов откако во јавноста веќе извесно време се објавуваат суми од илјадници евра кои наводно им биле наплаќани на пациенти. Инфективните одделенија и ковид-центрите што се дел од јавното здравство, се речиси полни во последниов период, а дел од граѓаните кои можат да си дозволат да одвојат поголема сума пари за лекување, тоа го прават во приватните болници.

Одговори на прашања поврзани со цените, лекувањето и третманот на пациенти, Мета официјално побара од клиничката болница „Аџибадем Систина“, како и од Клиниката „Жан Митрев“, каде што се хоспитализираат и лекуваат пациенти позитивни на ковид-19. И двете болници засега немаат склучено договор со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) во однос на третманот и лекувањето на ковид-пациенти, па затоа пациентите сами си ги плаќаат здравствените услуги без разлика дали од својата бруто плата одвојуваат за државно здравствено осигурување или не.

Во „Жан Митрев“ велат дека еден болнички ден чини 36.000 денари и дека во таа цена се вклучени сите оперативни трошоци наменети за интензивно лекување на пациентите, а од „Аџибадем Систина“, не добивме конретен одговор на прашањето колку чини еден болнички ден за третман на ковид-пациент, со образложение дека цената зависи од многу фактори.

„Третманот и цената зависат од компликациите кои ги предизвикал вирусот, од возраста на пациентот, од неговата претходна болничка историја (моментални хронични заболувања) и се одредува индивидуално за секој пациент поединечно од страна на конзилиумот. Времетраењето на лекувањето зависи пред сè и од методата која се применува кај пациентот“, појаснуваат во „Аџибадем Систина“.

Во Клиниката „Жан Митрев“, во однос на принципот на плаќање има различни опции, а понекогаш, велат оттаму, е потребно пациентите да уплатат и авансни гаранции. Колку денови во просек останува на хоспитализација еден ковид-пациент, зависи од состојбата во која се наоѓа донесениот пациент.

„Оние со полесна клиничка слика се задржуваат помалку од оние со сериозна состојба, но просекот е десеттина дена. Вкупната цена на чинење варира т.е. е индивидуална во зависност од состојбата во која се наоѓа пациентот. Ова пак, наметнува какви методи за лекување ќе бидат вклучени. Кај оние со применета хемофилтрација цената е повисока, но таа зависи и од тоа колку турнуси на филтрирање биле изведени“, појаснуваат оттаму. Од почетокот на епидемијата досега, во „Жан Митрев“ биле хоспитализирани и се лекувале од ковид-19 повеќе од 260 пациенти.

Во „Аџибадем Систина“, пак, велат дека досега во нивниот ковид-центар биле третирани 87 пацинети преку примена на т.н. ЕКМО методата, озонска терапија. Дванаесет од пациентите имале потреба од респираторна поддршка, седум биле ставени на неинвазивна вентилација, а двајца на респираторна машина. Досега во болницата, како што тврдат, се излекувале 49 пациенти, а 29 моментално се хоспитализирани и се лекуваат од ковид-19.

Колку за споредба, од државниот Фонд за здравствено одигурување (ФЗО) велат дека лекувањето и третманот на еден хоспитализиран пациент, кој не е на респираторна машина, дневно државата ја чини околу 200 евра.

Во „Систина“ цената на PCR за детекција на SARS-CoV-2 вирусот е 2.700 денари. Има и семеен пакет тестирање за над три члена од семејство по цена од 2.500 денари по лице, како и пакет за групно тестирање за компании – над три лица по цена од 2.500 денари по лице. Во „Жан Митрев“, пак, PCR тестот чини 2.900 денари. Има и тест од 3.000 денари кој освен присуство на ковид-19 утврдува и присуство на сезонски грип тип А, трип Б и РС вирус.

Во јавното здравство, пак, ако матичниот доктор му закаже на пациентот тестирање со PCR тест, тогаш за тоа тој не плаќа ништо. Ако пациентот закаже сам, тестот го плаќа. Цената на PCR тест е 1.850 денари. Тест за патување чини 2.500 денари. Најчесто се закажува ден претходно, а резултатите се добиваат истиот ден.

Инаку, во врска со цените, третманот и лекувањето пациенти, вчера во емисија на „ТВ21“ зборуваше и премиерот Зоран Заев, кој кажа дека граѓаните треба да знаат што има во јавниот здравствен систем, пред да тргнат кон приватните клиники.

– Треба да знаеме што имаме во нашиот јавен здравствен систем, пред да тргнеме кон прватните клиники. Сето тоа што го има и во приватните клиники, го има и во нашиот јавен здравствен систем. Ако некој има вишок пари нека оди, тоа се лиценцирани установи кои работат за профит. Ние како држава, не работиме за профит. Трансплантација на крв имаме и на Инфективна клиника, лекот ремдесивир го има исто така на Инфективна. Здравствениот систем ги има сите можности како што имаат и приватните, само што таму ќе ви земат пари – рече Заев.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

медицина лекар

Влада: Веднаш после изборите ќе се подготват законски решенија за уредување на правата и одговорностите на специјализантите по медицина

На вчерашната 15-та седница, Владата ја разгледа Информацијата од Министерството за здравство, во врска со …