За промените и “променетите“...

За промените и “променетите“…

Пишува: Жарко Стеваноски

Карактерните особини на слободоумниот човек секогаш доаѓаат до израз кога некој друг ќе го ограничи неговото право слободно да делува во рамките на со закон воспоставените институции. Затоа сиот овој период се водевме од добро познатата изрека која вели: „Кога неправдата станува закон, отпорот станува должност”. Должност која моравме да ја исполниме за да добиеме можност да ги направиме посакуваните промени.

Секој оној кој до вчера поседуваше такви вредности, го крена својот глас против системот кој 11 години бескрупулозно ја гушеше волјата на мнозинството. Денес институциите се во рацете на предводниците на таквите промени и веќе започна процесот на нивно заздравување. Сите оние иницијативи кои ги преземаа поединци надвор од институциите кои не функционираа во духот на демократските вредности, денес имаат можност тоа да го направат во рамките на истите тие институции.

Дојде време кога индивидуалната иницијатива има можност да се вклопи во рамките на институционалната. Секој обид тоа да се прави надвор од неа, би претставувал чин на дилетантизам кој би нанел штета на процесот кон посакуваните промени. Довчерашната опозиција успеа да се избори за власта и наспроти себе да ја добие новата опозиција, која има легитимно право да ги користи политичките методи за повторно превземање на власта. Разликата е во тоа што овој пат ним на располагање ќе им бидат отворените врати на ослободените институции, што е моќно оружје во борбата за превласт.

Нема сомнеж дека полесниот дел од борбата е зад нас и дека пред нас стои предизвикот да изградиме сосема нов институционален систем на вредности за кој се залагавме. Тоа е потешкиот дел кој допрва ни претстои. Оние кои во “толпата“ амбициозно чекореа кон позиции наместо кон вистински промени, воопшто не треба да имаат дилема дека ќе бидат разоткриени уште во првите неколку месеци и дека посрамено ќе си го најдат заслуженото место во општеството. Затоа, сето она што Вие индивидуалците го покажавте како иницијатива додека се боревте за поинаков систем по улиците, сега имате можност да го реализирате преку институциите на државата која сакавте да ја градите по теркот на современите демократии.

Ако после низата неуспеси сме имале волја и упорност повторно и повторно да се обидуваме во намерата да истраеме и успееме во нашата цел да бидеме предводници на општествените текови, тогаш се надевам дека сега кога успеавме во тоа, ќе бидеме доволно мудри тоа да го сочуваме на вистинскиот начин.

За крај, саркастично ќе се поиграм со зборовите на Гандиевата изрека дека треба да бидеме промените кои сакаме да ги видиме во светот, и тоа на начин што една своја изрека ќе им посветам на “промените“, односно на “променетите“:

„Светогледот на луѓето е работа на избор кој бара континуитет, а печурките се само дневен оброк за оние кои светот го гледаат на вистинскиот начин”.

Прочитајте повеќе

Со грда кампања не бива горда Македонија

Со грда кампања не бива горда Македонија

Познатата предизборна шема како и сиве 30 и кусур години тече како матен Вардар. Какви …