За свлечиштето, Баиро и “божјите сили“

За свлечиштето, Баиро и “божјите сили“

Пишува: Зоран Милошески

Не само за прилепчани, туку и за кавадарчани, велешани, штипјани и за многу граѓани од повеќе градови од Македонија, патувањето до Преспа, Охрид и граничниот премин Ќафасан, подолго време претставува голгота. Не само заради лошите патишта, туку и заради затворените патишта. Независно која е вашата крајна дестинација, стигнавте ли до клучката кај Битола, сакале или не, ќе мора да се прошетате низ битолските улици. Тоа, во најдобар случај, ќе ве чини дополнителни дваесетина минути и уште малку искинати нерви од возењето слалом низ раскопаните улици.

Од двете страни на патниот правец Прилеп-Ресен, непосредно пред тунелот над Битола, се наоѓа населбата „Петочна вода“. Ама ретко кој ја знае под тоа име. За битолчани тоа е Баиро, дел од градот населен со ромско население. За држава која 16 години немала попис на населението, невозможно е да се каже колкав е бројот на Роми кои живеат на Баиро. Неофицијално – околу 2.000, од кои само во куќите над патот, околу 400. И кога сме тука, еден куриозитет: сите жители од овој дел на Битола, во личната карта имаат иста адреса – улица „Караорман“ бр.111. Што ќе рече, душа дало за “фер и демократски“ избори!

Секој кој барем еднаш поминал тука со автомобил, не можел а да не ги забележи импровизираните куќи, расфрланото ѓубре и мизеријата во која живее ромското население. И така е со години, децении. И секоја година, без исклучок, кога ќе им ја исклучат струјата или водата, тие својот револт го искажуваат со блокада на патот, што, со оглед на големата фреквенција на возила, создава колапс во сообраќајот. Решението е едно – колата во рикверц, патот го продолжувате врвејќи низ Битола, со што го давате својот придонес во загадувањето на и онака загадениот воздух во градот на конзулите.

Последниве 2-3 години, на истиот тој пат само неколку стотини метри после тунелот во насока на Ресен, се појави свлечиште, кое во повеќе наврати предизвика прекин на сообраќајот на овој патен правец и негово пренасочување, каде ако не, преку Битола. Со напомена дека пренасочувањето не трае со саати или денови, ами со месеци. Автомобили, автобуси, камиони, шлепери со регистарски табли од други градови, станаа традиционален декор во битолското секојдневие. На битолчани како да им беше малку “нивното“ загадување, само им фалеше уште возилата од половина држава да им го загорчуваат животот.

И што? Никому ништо! Го крена некој гласот против тоа? Постави ли, на пример, барикади на влезот во градот со цел да го привлече вниманието и да укаже на труењето на граѓаните? Ги фати ли некој за “уши“ битолските политичари за да ги потсети на сериозноста на проблемот? Освен протестите на здружението „За нас се работи“, во чиј фокус беше аерозагадувањето предизвикано од РЕК „Битола“, неколкуте индустриски капацитети и загревањето на домаќинствата, никој никогаш сериозно не се занимавал со загадувањето кое го предизвикуваат моторните возила. Никакво истражување засновано на факти, анализи, вклучување на науката.

А така е, затоа што никој не сака да си го расипе комодитетот, безбедното седење пред телевизор и бистрењето “висока“ политика, за која секогаш сме спремни да си ги ископаме очите. За разлика од нив, “ситните“ проблеми кои живот значат ги решаваме ставајќи “лајк“ на нечија фејсбук иницијатива, која заради нашата убеденост дека некој друг од страна треба да ни ги реши проблемите, замира уште во самиот свој зародиш.

Единствената каква-таква дебата на оваа тема се води во битолскиот општински Совет, иако тоа што таму се случува е “дежа ву“. Сѐ се сведува на обвинувања на релација власт-опозиција, за тоа кој што направил и чија вина е поголема за (не)направеното. Некаде “измеѓу“ во црно-белата слика, се двајцата советници од независната листа, кои сизифовски се обидуваат да ја докажат реалната потреба од носење на таканаречениот „Закон за РЕК“. Заради распоредот на политичките сили во Советот на Општина Битола, нивното маргинализирање од страна на мнозинството, но и заради низа други субјективни причини кои треба да ги побараат во сопствените редови, прилично е јасно дека нивните заложби по ова прашање изгледаат како невозможна мисија. Што, се разбира, не значи дека треба да кренат раце од идејата, туку дека, веројатно, треба да направат нова стратегија, ново рангирање на нивните приоритети и преиспитување или прилагодување на своите програмски цели.

Доскорешната локална власт немаше никаков проблем со Баиро – ги игнорираше и луѓето кои таму живеат, и другите проблеми кои произлегоа од нивниот проблем. Што се однесува до загадувањето, него им го припишаа на “божјите сили“. Сегашните власти, пак, вината му ја префрлија на свлечиштето. Факт е дека дивата сеча на шумите и ерозијата на земјиштето, се дел од причините за неговата појава. Меѓутоа, дури и со максимален ангажман на Јавното претпријатие за државни патишта во насока на негова скорешна санација, проблемот со ромската населба нема да биде симнат од дневен ред. Тоа значи дека сите ние кои заради некаква причина имаме намера да го поминеме Ѓавато, ќе имаме проблем со Баиро, а битолчани, пак, ќе имаат проблем со нас. Извинете комшии, ништо намерно!

Прочитајте повеќе

Дамева

Тубуленции во Судскиот совет: Дамева поднесе оставка

На прес-конференција во Скопје, Весна Дамева посочи дека нема слух за подобрување на состојбите во …