Заев: Децентрализацијата не е само документ, туку инструмент за реална промена за подобар живот граѓаните во локалните заедници

Заев: Децентрализацијата не е само документ, туку инструмент за реална промена за подобар живот граѓаните во локалните заедници

Претседателот на Владата, Зоран Заев, на покана на организаторите, денеска се обрати на годишната конференција за децентрализација што се одржа во Скопје.

На конференцијата зедоа учество и министерот за локална самоуправа Горан Милевски, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, градоначалници на општините, претставници на ЗЕЛС и на локалните самоуправи во Република Северна Македонија, како и амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Самуел Жбогар, и постојаната претставничка на УНДП во нашата земја, Нарине Сахакјан

Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

Заложбата на Владата за зајакнување на локалните самоуправи и префрлањето на дополнителни надлежности од централно на локално ниво е од особена важност кога зборуваме за ефикасна и ефективна поддршка при обезбедување услуги и подобрување на квалитетот на живот на секој поединец на локално ниво.

Владата ги охрабрува и поддржува локалните власти во напорите да допрат до потребите на различните категории на граѓани и да овозможат канализирање, утврдување и адресирање на проблемите преку поттикнување на активното граѓанско учество во носење на одлуките со фокус на поединецот.

Локалните самоуправи се особени важни кога вистински дебатираме и се заложуваме за успешно ЕУ интегрирање, и тоа не само како стратегија (документ) на лист хартија, туку и како реален импакт за подобар живот за сите на сите општествени нивоа.

Ние како Влада се заложивме за брзо и ефикасно усвојување и имплементирање на 17-те глобални стратешки цели кои опфаќаат различни аспекти од социјалниот и економскиот сфера, како  и животната средина. При тоа, поддршката и стратешкото партнерство со нашите пријатели од ЕУ и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) е од исклучителна важност. И понатаму, со здружени сили ќе работиме споделувајќи исти цели и визии.

Владата на Република Северна Македонија е цврсто определена да го одржи континуираниот рамномерен регионален развој и квалитетен живот за сите наши граѓани, во оваа наша убава земја, без разлика дали живеат во град, село или мало населено место.

Оваа Влада го откочи процесот на децентрализација и го отвори дијалогот за подобрување на системот на локалната самоуправа зашто е уверена дека нема локален развој и демократија без вистинска децентрализација.

Процесот кој што беше  поттикнат со Охридскиот рамковен договор и со Уставните амандмани во 2001 година, успешно беше заокружен во 2005 со пренесувањето на многу суштински надлежности на општините. Ова беше една од нашите успешни приказни која што беше позитивно оценета и од меѓународната заедница.

Децентрализацијата на власта беше еден од клучните, суштински придонеси за обезбедување на кандидатскиот статус земјата за членство во Европската Унија.

За жал токму кога требаше процесот на децентрализација да се развива и постојано да се подобрува, да ги покаже придобивките со развој на општините  демократизација на општеството, претходната Влада целосно го тргна од својата политичка агенда.

Наместо рамномерен развој на целата територија на државата, побрз развој на општините и на планските региони, на врвот на Агендата беше ставен проектот Скопје 2014.

За сметка на централното градско подрачје во Скопје и потрошени 800 милиони евра на нефункционални објекти, целосно беа запоставени општините кои што продуцираа огромни долгови.

Новите градоначалници на почетокот на својот мандат се соочија со огромни долгови и нефункционални општини.

Владата, свесна за потребите на граѓаните беше ставена во ситуација да интервенира со 50 милиони евра за санирање на 51% од евидентираниот долг на општините.

Оваа година, во јуни Владата и ЗЕЛС го отворија дијалогот за продлабочување на процесот на децентрализација.

Владата, и јас како премиер, имаме целосно разбирање на укажувањата од единиците на локалната самоуправа за финансиска стабилизација и поголема финансиска независност на единиците на локалната самоуправа.

Како предизвици беа посочени и функционалноста на противпожарната заштита,  процесот на легализација на дивоградбите,  потребата од скратување на роковите за донесување на планска документација, поддршката на руралните општини, концентрацијата на капиталните инвестиции, и недостатокот на одредени професионални кадри во општинската администрација.

Низ дијалогот беше укажано дека локалните власти треба да покажат резултати во собирањето на сопствените приходи од локални даноци и такси, особено на данокот на имот, за да можат легитимно да бараат нови извори на приходи од централната власт.

Во таа насока, денеска можам да соопштам дека средствата за рамномерен регионален развој за 2020 година само преку Бирото за регионален развој, во однос на 2017 година, се зголемени за над 100% или од 3,5 на 8 милиони евра.

На една од последните седници на Владата утврдивме дека 30-те милиони евра што ТАВ требаше да ги вложи во карго аеродром, ќе бидат пренаменети за локални патишта, водоводи и канализации во локалните заедници ширум земјата.

Средства за локални и за регионални проекти обезбедуваат и други линиски министерства како Министерството за транспорт и врски, Министерството за земјоделство и шумарство преку програмата за рурален развој, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование.

Во 2020 година имаме зголемување на висината на средствата за детски градинки за 53% повеќе од 2017 година. Тука влегуваат и зголемувањето на платите на вработените, како и сите новоприфатени вработувања, за што во претходниот период средствата ги обезбедувала локалната власт.

Почитувани,

Општините се заедници каде граѓаните блиско комуницираат и соработуваат меѓу себе, имаат потреба од отворени врати за соработка со институциите коишто имаат законска обврска го помогнат нивното секојдневно функционирање.

Затоа, клучно е да ги вклучиме граѓаните во носењето на одлуките. Демократијата е локална. Луѓето се тие кои најдобро знаат што им е потребно. Ако како одговорни раководители, кои ја добиле честа од нив да водат, разговараме со нив, ако ги слушаме, и тие ќе разговараат со нас, и така ќе разбереме што е приоритетно да се направи, што е возможно да се направи и во кои рокови.

Јас како премиер и ние како Влада се обврзавме да ја зајакнеме децентрализацијата, да овозможиме максимално можен трансфер на надлежности од централно на локално ниво и тоа да го сториме со соодветен трансфер на финансиски средства за нивно извршување.

Ги имате целите во вашите програми. Нека ве води мотивот да успеете, затоа што личниот успех е успехот за граѓаните од кои ја добивте довербата да ја водите локалната самоуправа.

Граѓаните се нашиот приоритет, тие се наша должност.

Потребна е максимална отвореност кон граѓанските здруженија за нивните идеи и предлози, тие се нашите партнери во креирањето на политиките на сите нивоа.

Практикувајте ги собирите со граѓаните во месните и урбаните заедници. Граѓанските буџетски форуми во време кога се подготвува општинскиот буџет се потврдија како најдобар начин за нивно учество и за соодветен развој на Општината.

Секогаш бидете отворени за бизнис секторот. Во рамките на вашите надлежности и општински политики помагајте го нивниот развој, а тие ќе вратат со нови работни места и задоволни граѓани.

На крајот изразувам благодарност и до УНДП, ЕУ, нашите пријатели од амбасадите кои ни помагаат во демократскиот и локалниот развој, споделувајќи ги несебично со нас европските вредности на децентрализацијата.

Прочитајте повеќе

дожд врнежливо време

Денеска и во следните денови нестабилно време со врнежи од дожд и грмежи

Денеска ќе преовладува променливо облачно време. Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно …