Заев: Ги отфрлам како лажни сите наводи изнесени во новинарскиот текст за наводна моја вмешаност во случајот „Рекет“

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на прашање на претставниците на медиумите да го коментира пишувањето во одредени медиуми кои објавија делови од исказот на Орце Камчев пред ЈО и кои од тоа извлекуваат заклучок дека премиерот ја опструирал истрагата на случајот „Рекет“, категорично ги отфрли како лажни сите наводи изнесени во новинарскиот текст, и ја повикува јавната обвинителка Рускоска да ја потврди веродостојноста на записникот што е објавен.

„Секако дека ќе тужиме затоа што тоа не е точно. Јас неколку пати јавно отфрлив било каква поврзаност со Бојан Јовановски и со случајот Рекет. До ден денес стојам на тие ставови. Сакам да бидат објавени. Обврска на обвинителството е да објави дали е тоа така кажано. Како што јас прочитав, објавена е една страница од записникот, а потоа се прераскажува останата содржина со што се прави сериозна манипулација“, потенцираше Претседателот на Владата на РСМ Заев.

Тој истакна дека секогаш ги охрабрува новинарите да истражуваат и секогаш да го презентираат најважното од интерес на јавноста, но ако прават манипулации, секако, за тоа има одговорност.

„Во тој процес ќе ги отвориме документите и на увид на јавноста ќе укажеме на тоа дека новинарот што го лиферувал ваквиот запис – лаже“, истакна премиерот Заев.

На прашањето дали ќе побара политичка одговорност доколку се докаже дека политичари спомнати биле вмешани во случајот „Рекет“, премиерот Заев и во овој случај повтори дека за било кој во државата одговорност мора да има доколку се докаже дека е виновен.

Тој додаде дека лично не верува дека некој од високите функционери на СДСМ е инволвиран во случајот, но секако остава истрагата тоа да го докаже.

„Ја охрабрувам истрагата, го охрабрувам Јавното обвинителство, целокупното правосудство. Наша обврска е да создадеме услови за независна истрага низ целата постапка која што ќе ги даде сите одговори и во интерес на јавноста и граѓаните. Уште еднаш кажувам, тоа е убав мегдан, предизвик да покажеме сите како држава дали знаеме да се справуваме со вакви девијантни, криминални во општеството. Вакви случаи има насекаде во светот, но најважно е како државата се справува со нив преку сите институции кои, согласно законот, се повикани за тоа“, одговори премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија дополни дека овој случај ја потврдува потребата од општествен план за борба против лажните вести.

„Примерот за кој зборуваме денеска го опфаќа ова прашање. Новинарот што ја објавил информацијата манипулира и пишува работи што не може да ги докаже. Дефинитивно ова е лажна вест, која што гледате како ја преокупира целата јавност. Но, јас како граѓанин Зоран Заев, а не како премиер, ќе го тужам новинарот, за да можеме и преку таа алатка да се бориме против лажните вести. Лажните вести знаат да скараат и држави, и ќе го избереме најдобриот начин за борба против нив“, потенцираше во завршницата на своите одговори на прашањата на новинарите за оваа тема премиерот Зоран Заев.

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …