Заев и Ердоган: Вложуваме заеднички во поинтензивна соработка за да отвориме повеќе врати за турските инвеститори и за посилни трговски врски меѓу двете земји

Заев и Ердоган: Вложуваме заеднички во поинтензивна соработка за да отвориме повеќе врати за турските инвеститори и за посилни трговски врски меѓу двете земји

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев за време на еднодневната работна посета на Република Турција се сретна со претседателот на земјата Реџеп Таип Ердоган.

На работната вечера во Истанбул, на која присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче, премиерот Заев и претседателот на Турција Ердоган разговараа за взаемните пријателски односи исполнети со динамична соработка во повеќе области.

Премиерот Заев за време на средбата ја потенцираше исклучително добрата економска соработка меѓу двете земји и нагласениот интерес на турските компании да инвестираат во Северна Македонија и да ги продлабочуваат деловните и трговски врски.

Економската и трговската соработка се витални, рече за време на работната вечера премиерот Заев и додаде дека во таа насока се очекува поинтензивна динамика со новиот договор за слободна трговија кој е во подготовка, кој има за цел да отвори повеќе врати за турските инвеститори.

Премиерот Заев и претседателот Ердоган споделија дека Северна Македонија и Турција, како сојузници во НАТО, се поврзани и со исти вредности по однос на мирот и стабилноста во регионот, преку добрососедски односи и регионална соработка, како и во борбата против тероризмот согласно со домашното право на двете земји, како и со меѓународното право.

Претседателот Ердоган во делот на своето добредојде до гостите истакна дека во срцата на граѓаните на Турција, Северна Македонија има посебно место како земји кои имаат одлични односи и длабоки историски врски.

Ердоган потенцираше дека и покрај пандемијата двете земји имаа одлична трговска размена во 2020 година и дека тој ќе продолжи да ги мотивира турските компании уште повеќе да инвестираат во Северна Македонија.

На средбата во Истанбул беше истакнато дека Турција ќе продолжи да ја помага Северна Македонија во борбата против пандемијата, со желба да се продлабочи соработката и во областа на здравството.

Премиерот Заев изрази надеж дека претседателот Ердоган наскоро ќе ја посети Северна Македонија, како континуитет на заемните посетите на највисоко политичко ниво и како видлив придонес за унапредување на односите.

Прочитајте повеќе

Министерствата и општините трошат 2 милиони евра за адвокати

Министерствата и општините трошат 2 милиони евра за адвокати

Два милиони евра се одлеале од општините и министерствата во Северна Македонија за една година само за адвокатски …