Заев и СДСМ на чекор до формирање на парламентарно мнозинство

Заев и СДСМ на чекор до формирање на парламентарно мнозинство

Премиерот Заев утре ќе се сретне со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши. Најавите се дека идната недела ќе се официјализира новото парламентарно мнозинство. За распределбата на министерските места допрва ќе се разговара.

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев е на чекор до формирање на парламентарно мнозинство. Тој утре во Клубот на пратеници ќе одржи средба со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши. На средбата, која што се најавува со денови, се очекува да стане збор за можноста Алтернатива да се приклучи на парламентарното мнозинство и да стане дел од Владата.

Можноста за формирање на ново стабилно мнозинство во парламентот ја најави и шефот на дипломатијата и висок функционер на ДУИ, Бујар Османи, кој вели дека тоа ќе биде објавено идната недела. Според Османи, најважно е што Република Северна Македонија не дозволи да биде дел од проблемот, откако не успеа минатонеделниот обид на опозицискиот блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ за гласање доверба на Владата.

„Има неколку опции до тоа ново мнозинство и во моментот се случуваат разговори и преговори. Многу е важно дека рационалните политички сили, па и пратеници одлучија во овој момент државата да не ја претворат во дел од проблемот, туку во дел од решението на нашата европска перспектива“, вели Османи. Тој очекува наредната недела веќе да има стабилно мнозинство кое што ќе почне да се занимава со предизвиците и можностите што ги има Владата.

Османи смета дека бројката од повеќе од 60 пратеници е и вистинска и реална, а како ќе се реализира мнозинство, за тоа се разговара и договара со сите политички партии. Потоа ќе се договараат и министерските позиции.

Скендер Реџепи, пратеник и член на претседателството на Алтернатива, во изјава за „Слободен печат“ изрази верба дека Алтернатива ќе биде дел од Владата. Во исчекување на средбата меѓу Заев и Гаши, пратеникот вели дека очекувањата во партијата се дека предност ќе дадат на евроинтеграциските процеси на земјава и на програмските ветувања до граѓаните.

„Разликите во партијата се истопија и очекувам органите на партијата да донесат одлука за влез во Владата, но сепак ќе почекаме до конечната одлука. Интеграцијата на земјава во ЕУ е приоритет пред уривањето на Владата“, вели тој.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …