Одговор на новинарски прашања на претседателот на СДСМ, Зоран Заев:
На претстојните избори, СДСМ и коалицијата што ја предводи ќе настапи со тандем носители, маж и жена во сите изборни единици, соопшти денеска претседателот на СДСМ Зоран Заев во одговор на новинарски прашања.
– Во секоја изборна единица ќе има носителка жена на листата, односо ќе има двајца носители, ќе има по еден носител маж и една носителка жена на првите две места кои паралелно ќе го покриваат теренот, рече Заев.
Во однос на објавените аудио материјали кои се однесуваат на Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Заев истакна дека СДСМ уште во 2016 години ги предал сите материјали до Специјалното јавно обвинителство, а институциите сега треба да истражат кој и од каде објавува прислушувани материјали.
-Дефинитивно ние ја завршивме нашата обврска и при крајот на 2016 година ги предадовме сите материјали во СЈО. Објавивме пакет од 35 „бомби“ и кога постигнавме договор за пржинска влада застанавме, материјалите ги спакувавме на хард-дискови и текстуално и ги предадовме. Да не заборавиме кој прислушувал во државата. Само дел од тие материјали стигнаа кај нас, 30 отсто од материјалите што се создадени ги добивме, останува веројатноста дека има материјали насекаде, порача Заев.