Во организација на Владата на Република Северна Македонија, денеска беше организирана програма за чествување на 8 септември – Ден на независноста, кое оваа година се одржа под слоганот „Боите на независноста“.

Програмата, која започна со оддавање почит на делото на починатите претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски, продолжи во Градскиот парк, со пригодна музичко-забавна програма и со презентација на услугите и мерките на повеќе министерства и агенции од интерес на граѓаните.

На централната свеченост по повод одбележувањето на 8 септември – Ден на независноста, пред присутните гости и граѓани, свое обраќање имаше Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев.

Во продолжение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

Почитувани граѓани,

На 8 септември 1991 година, Денот на независноста ни покажа дека слободата и самостојноста ги имаат најубавите бои. Дека радоста, среќата и убавината што ја преплавија тогаш нашата татковина, треба да ги паметиме и да ги носиме со нас секогаш кога ќе се соочуваме со искушенија и опструкции на нашиот пат. Тоа се нашите бои, боите на независноста и на слободата. Тоа се боите кои Социјалистичка Република Македонија ја прогласија за независна Република Македонија, нашата татковина која денес го носи името Република Северна Македонија, земја која станува членка на НАТО и се интегрира во Европската Унија.

Тоа е нашата земја, нашата убавина од различности.

Оваа година ве поканивме заеднички да го прославиме овој голем празник, облечени во најубавите бои. Во боите што сами ќе ги изберете и гордо ги носите, затоа што мозаикот е целосен само ако секое камче, секој дел, посебно си го наоѓа своето место во тоа наше заедништво.

Затоа градиме едно општество за сите, затоа секој е важен. И затоа секој е одговорен тој наш мозаик, нашата Република Северна Македонија, да зрачи со силна светлина и со својата целина.

Почитувани граѓани,

Денот на независноста, 8 септември, ќе остане запаметен како ден кога се обединивме за да ја заокружиме нашата државност и да избереме пат исполнет со меѓусебно разбирање, среќа и просперитет.

Важни, стратешки патокази на тој пат беа НАТО и Европската Унија.

Денес Република Северна Македонија својата независност ја потврдува во најмоќниот воено-безбедносен Сојуз – НАТО, и како кандидат за членство во најсилната економска заедница на светот – Европската Унија.

Уште во стартот на мандатот на актуелната влада, после драматичната криза, побаравме соработка и поддршка од сите сегменти во општеството. Побаравме сите да се вградат, да дадат максимум и да преземат одговорност во име на заедничката сегашност и заедничката иднина.

Тоа го направив и во мојот прв говор како премиер во Собранието, а го повторувам постојано, зашто сметам дека Северна Македонија треба да ја градиме и понатаму со консензус од големото мнозинство од граѓаните.

И денес, повикувам на учество на секоја индивидуа, секој граѓанин, секоја заедница, да ја градиме заедно Северна Македонија како отворена, праведна, стабилна, земја на можности. Да ги градиме заедно и одговорно Правната држава и владеењето на правото, да придонесеме сите кон Економскиот раст, да ги поддржиме Реформите, да ги впрегнеме институциите да им Служат на граѓаните, да ги искористиме Јавните услуги, да бидеме активен учесник во концептот Едно општество за сите, и сите заедно, да ги исполниме стратешките интереси – Членство во НАТО и Европската Унија.

Го зедовме најдоброто наследство од минатото и создаваме држава со сосема извесна европска иднина.

Иднина за Северна Македонија со повеќе надеж, благосостојба и просперитет за сите нејзини граѓани ослободени од стравовите и предрасудите на минатото.

Тоа е нашиот придонес за генерациите после нас.

Во пресудни моменти, кога се решаваа историски прашања, граѓаните на нашата земја и одговорните политички лидери носеа големи одлуки. Направија, вистински, исправни избори.

Ја сум убеден и знам дека заедно со граѓаните остваривме, добар, достоинствен договор што го потврди нашиот идентитет и ја гарантира нашата иднина.

Имаме кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонци, Македонец, Македонка, македонско. Како дома, така и во странство. Преведено без ограничувања на сите јазици во светот.

Идентитет за севкупна употреба, признаен од сите. Јазикот се користи слободно секаде, во Обединетите Нации, НАТО, во Европската Унија, во сите официјални институции, активности и настани.

Нашиот идентитет е потврден и зајакнат. Нашето државјанство е: македонско/граѓани на Северна Македонија. Тоа е потврда за нашиот идентитет и гаранција за нашата иднина.

И денеска, и во секоја наредна и пригодна прилика упатувам благодарност и на сите наши сограѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и на сите други етнички заедници, што покажаа другарско и братско разбирање.

Таа поддршка, тоа разбирање за заштитениот македонски идентитет е од огромно значење за градењето едно општество. Овие мостови кои ги градиме денес се крвотокот на нашата меѓусебна доверба и на нашата заедничка иднина.

Почитувани граѓани,

Ова место, Школка, како да има некаква симболика со своето име. 28 години после независноста, оваа наша земја која наликуваше на затворена школка, конечно се отвора пред Европа и светот, и добива можност да ја покаже својата вредност. Македонскиот бисер од Школката почнува силно да сјае.

Од држава со многу проблеми и лоши односи со сите соседи, сега сме позитивен пример, модел што другите сакаат да го следат. Гордост европска. Ги решаваме проблемите, не бегаме од нив. Создаваме нови односи со соседите. Пријатели сме со сите. Ја зајакнуваме соработката.

Република Северна Македонија е препознаена како инспиратор на еден нов Балкан. Балкан достоен за 21 век. Само силна соработка и без бајати кавги. Тоа е продуктивен пат на заедничката регионална политика, соработка и заедништво.

Одиме кон иднината. Не робуваме на минатото. Одиме напред, без страв и без предрасуди. Знаеме кои сме и што сакаме. Не треба да им подлегнеме на емоциите кои се јавуваат при секоја промена. Ако рационално размислиме тогаш ќе сфатиме дека ништо не губиме, а можеме да добиеме сѐ.

Колку ќе постигнеме во иднина, сега зависи само од нас.

Но, едно е јасно. На прав пат сме!

Најголемите проблеми се зад нас, а патот што го избравме ни гарантира подобро утре. Тоа е патот на раст на платите, на градежната офанзива, патот преку кој парите одат кај граѓаните. Тоа е патот за заедничка борба против загадувањето, против сиромаштијата и против корупцијата. Тоа е патот на сигурноста, безбедноста и слободата – патот до НАТО и ЕУ.

На тој пат, секој од нас треба да преземе иницијатива и да ги искористи можностите кои постојат.

Време е сите да се приклучиме на сигурниот, на брзиот, на правиот пат и да дадеме свој придонес. Така ќе постигнеме уште повеќе, за нашите деца, за нашата земја, за нас самите, за подобар живот.

Веќе немаме повеќе фрустрации и гнев дека не сме признаени и дека сме оспорувани. Тоа е минато. Кој сака да живее со тоа минато, бујрум – негово право, но народот сака иднина, и пат кој води до прогрес.

Стартот на преговорите за членство во ЕУ, во октомври ќе го зајакне континуитетот на домашните реформи. Остануваме посветени на зајакнување на владеењето на правото и зголемувањето на животниот стандард, а членството во НАТО и преговорите за членство во ЕУ ќе ни дадат дополнителна енергија и поддршка за тие реформи.

Државата јакне. Институциите стануваат посилни.

Јас денеска можам со полна сигурност да кажам: Може да бидеме спокојни. Можеме да бидеме среќни. Може да се посветиме на градење на нашата иднина.

Успеавме да го фатиме, веројатно, последниот воз што може да ја обезбеди нашата стабилна и просперитетна иднина.

Но, наша должност е да ја обликуваме иднината на Северна  Македонија. Тоа е и наша одговорност која мора сите ние, секој од нас одделно да ја прифати.

Затоа, од огромна важност е секој бизнисмен или земјоделец, како секое камче во мозаикот, да го најде своето место, да го препознае и да го даде својот придонес за еднаков пристап до пазар од 500 милиони потенцијални клиенти – Европскиот пазар.

Не секогаш и не сѐ, зависи само од политичарите.

Време е студентите да ги запознаат и шират перспективите за неограничени можности за патување и учење, за градење искуства и вештини кои ќе им создадат шанси за добро платена работа, тука во нашата земја.

Повикувам младата генерација со уште поголем ентузијазам да се вклучи во дебатите за нашата иднина. На позитивен и, уште поважно, на оптимистички начин.

Ги повикувам и жените, отворени се можностите, сите се еднакви во оваа наша убава земја – преземете иницијативи, државата ќе врати со уште повеќе отворени врати. Спремно ни е општеството за тоа.

Кога разговараме и дебатираме за безбедна, сигурна, мирна, пријателска и стабилна, европска Северна Македонија, не разговараме за држава на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, на ДУИ или за држава на било која друга политичка партија.

Разговараме и ја одредуваме иднината на секој од нас одделно. Иднината на нашата земја, за вашите деца, за вашите внуци, за секој припадник на секоја идна генерација.

Почитувани граѓани на Република Северна Македонија,

Во периодот од 75 години од државотворниот АСНОМ и 28 години пат на самостојно, независно учество во животот на заедницата на народите, научивме неколку важни лекции. Една од најважните е лекцијата за демократијата. Ова е причината зошто ги негуваме толку многу вредностите на европското семејство.

Северна Македонија е длабоко приврзана кон европскиот проект. Имаме живо и динамично општество, во кое треба секој од нас да вложува за негов постојан развој.

Граѓаните на нашата земја се активно поврзани со граѓанските вредности. Токму вие, граѓаните, се обединивте во големо и гласно мнозинство и ги натеравте автократите да отстапат.

Се дигнавте против делбите, кавгите и против тесно партиски интереси и јасно порачавте, и нам и на денешната опозиција, дека е време за да го фатиме вистинскиот, правиот пат и да одиме напред.

Затоа, особено заради одговорноста кон граѓаните, цврсто останувам на мојата заложба да ги повикам сите, вклучувајќи ја и опозицијата, за важните прашања да ни се придружи.

Градиме општество каде сите се еднакви и исто важни.

Ако сме сите посветени на исти, стратешки цели за нашата држава, за сите наши граѓани, тогаш ќе имаме поблиска соработка и нема да има толку длабоки делби меѓу нас.

Тоа е мудроста на која ги повикувам сите политички фактори. Да не обединува мудроста за најдобар избор.

Тој избор да го направиме со љубов и со верба за иднината на нашата земја.

Да одиме силно за никој да не може да не сопре. Како никогаш порано, одлучни и решителни, нашата Република Северна Македонија да успее!

И ќе успее!

Честитки граѓани, честитки народе, изградивме уникатно општество, подигнавме стабилна држава!

Нека е вечен Денот на независноста!

Да живее Република Северна Македонија!