„Со Сојузот на средношколци се договоривме за два екстерни испити, додека за третиот екстерен испит се согласивме да се трансформира во интерен. Вака, ниту еден матурант нема да има проблем да се запише на некој од домашните или странски престижни универзитети, бидејќи повторно ќе има четири предмети неопходни за упис на универзитетски студии“, истакна премиерот Зоран Заев на денешната заедничка изјава со Бленди Ходаи претседател на Сојузот на средношколци.

Премиерот Заев изрази задоволство што заедно низ дијалог со средношколците се изнајде компромисно решение со кое се гарантира квалитет на матурскиот испит со кој се овозможува секој матурант да може да се запише на факултет овде во државата и надвор од неа.

„Потребно беше прилагодување на концептот на државната матура заради влијанието на пандемијата на образовниот процес, и врз основа на заедничката размена на аргументите и следејќи го примерот од останатите европски држави за нас е прифатливо сѐ што е во нивна полза. Како одговорна Влада инвестираме во младите луѓе и водиме грижа за квалитетно образование и понатамошен напредок“, рече премиерот Заев и додаде дека ќе се формира работна група помеѓу Бирото за развој на образованието во надлежност на Министерство за образование и наука, и Сојузот на средношколците, која што ќе одлучува за кратење на програмите за екстерните испити. Со работната група ќе претседава претставник од Канцеларијата на Претседателот на Владата и целиот овој процес треба да заврши до средината на март.

Премиерот Заев истакна дека како дел од ова решение влезе и заедничката согласност матурата да започне една недела подоцна, односно наместо од 29-ти мај како што беше предвидено, да започне од 5-ти јуни. Тој потенцираше дека предлозите на средношколците за модифицирање на државната матура беа образложени со издржани аргументи и ги охрабри да продолжат да бидат гласни, да укажуваат за секое прашање од нивни интерес, за секоја воочена ситуација која налага промени и на овој демократски начин, низ дијалог да се постигнат решенија во полза на нивните соученици, матурантите.

Претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи им честиташе на своите врсници за постигнатото решение, за единството и успешното постигнување на компромис кој ги задоволува барањата на средношколците, не го нарушува системот, а сепак ги штити интересите на сите ученици.

Во продолжение се наведени прифатените барања.

1. Бројот на екстерни испити да остане 2 (два), додека третиот екстерен испит е симнат на ранг на интерен. Со тоа ниту еден матурант не би имал проблем при упис на факултет тука или во странство и повторно би имал 4 (четири) предмети кои му се бараат за упис.
2. Формирање на работна група меѓу Бирото за развој на образованието и Сојузот која ќе одлучува за скратување на испитните програми за екстерните испити. Во групата ќе учествуваат претставници од Бирото за развој на образованието , Сојузот и наставници номинирани од Сојузот. Со неа ќе претседава претставник од Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија. Младите пратеници треба да го следат процесот и да заврши со работа до почетокот на март.
3. Наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и базата на прашања најдоцна три недели пред денот на испитот. Истите да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања.
4. Зголемување на коефициентот кај несоодветниот екстерен испит од 0,5 на 0,9, односно од 5 поени на 9.
5. Првиот екстерен испит (мајчин јазик) да биде сметан за соодветен од страна на сите високо образовни институции во земјава.
6. Државниот испитен центар да го врати испитот по естетика/филозофија како втор екстерен испит во средните уметнички училишта.
7. Универзитетите да објават кои од Листата на наставни предмети се соодветни за нивните студиски програми.
8. Со цел учениците да имаат опција да ги променат своите испити, учениците кои ќе полагаат државна матура треба повторно да ги регистрираат своите испити. Краен рок за ова да биде петок, 5 март.
9. Поместување на почетоците на испитни сесии за една недела. Од 29 мај да се премести за 5 јуни и така за сите останати сесии.
10. Промена во начинот на добивање на поените за интерните испити. Сега предвид ќе се земат оценката од испитот и просекот по предметот како основа за добивањето на поените. И оценката и просекот ќе учествуваат подеднакво.