Полициска лента Полиција

Загина синот на експратеникот Мукоски во сообраќајна несреќа, улиците на Вевчани празни за познатиот карневал

Градоначалникот на Вевчани изјави дека вечерниот концерт од познатиот Вевчански карневал е откажан и дека речиси и да не видел маскирано лице

Вчеравечер возило управувано од 19-годишниот М.М. излетало од колосек на регионалниот пат кон Вевчани, соопшти Министерството за внатрешни работи. Во несреќата починал возачот, кој е син на експратеникот Крсте Мукоски, кој потекнува од Вевчани.

Оваа трагедија го шокира Вевчани, каде вчера започна познатиот дводневен Вевчански карневал, кој секоја година се одржува на Василица и претходниот ден, односно на 13 и 14 декември. Денес, улиците на градот се празни.

„Поради трагедијата која се случи вчера во Вевчани, во сообраќајна несреќа ни погина млад член на Вевчани, можете да забележите и сами, улиците во Вевчани никогаш не биле во ваква состојба на 13 јануари. Скоро се празни. Скоро и да не забележав маскирано лице. Вевчани е мало место, сите сме како една фамилија и вакви немили настани нè потресуваат. Вечерашниот концерт е откажан“, изјави Спасе Кочовски, градоначалникот на Вевчани.

Кочовски изјави дека дефилето ќе се одржи во некаква минимална состојба и дека рестораните ќе работат, но без музика.

„Јас не го препознавам Вевчани вакво, навистина ми е жал за овој трагичен настан. Би сакала да изразам сочувство до фамилијата – за жал знам како изгледа таа болка. Дојдов денес тука за да видиме со градоначалникот што ќе се случува. Она што ќе одлучат граѓаните на Вевчани да се случува, тоа и ќе се случува. Од наредната година, традицијата ќе продолжи понатаму“, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Фридом Хаус: Назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата во Северна Македонија

Фридом Хаус: Назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата во Северна Македонија

Северна Македонија покажува назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата. Овие се клучните …