Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, заедно со претседателот на Општинскиот Совет, Миле Талевски и директорот на ЈП „Македонија пат“, Беким Мемеди, денеска извршија увид врз градежните работи на регионалниот пат помеѓу населените места Кадино Село и Галичани, каде во тек е асфалтирањето на овој патен правец. Реконструкцијата на овој регионален пат, кој долго време беше оставен во крајно лоша и незавидна состојба, е инвестиција на Јавното претпријатие „Македонија пат“ во соработка со Министерството за транспорт и врски.

„Општина Прилеп продолжува со градежната офанзива, со посебен акцент на патната инфраструктура не само во градот, туку и во населените места.
Денеска сме во населените места Кадино село и Галичани, каде што во претходните два месеци, реконструиравме дел од улиците во овие две села, во вкупна должина од околу 900 метри. Сега се наоѓаме на регионалниот пат помеѓу овие две населени места, којшто е во должина од околу 3.5 километри и во тек е негово целосно асфалтирање. Сакам да упатам благодарност до Јавното претпријатие „Македонија пат“, затоа што излегува во пресрет и ја гради оваа делница, а сето тоа во интерес на граѓаните од овие населени места“, нагласи градоначалникот Јованоски, додавајќи дека од следната недела продолжуваат градежните активности и во останатите населени места
во општина Прилеп.

Директорот на „Македонија пат“, Беким Мемеди потенцираше дека успешната соработка на претпријатието со локалната самоуправа и Министерството за транспорт и врски, доведе до вистинска градежна офанзива во целиот регион.

„Денеска сме тука во Кадино село, каде се асфалтира патниот правец кој го поврзува ова населено место со Галичани. Патот е во должина од 3.5 км и ширина од 3.30 метри, инвестиција во вредност од 10.000.000 денари. Ја продолжуваме одлична соработка со градоначалникот на општина Прилеп, така да активностите не застануваат тука. Во тек се градежни активности и на
патниот правец Витолиште – Штавица, во мариовскиот дел. Наредната недела започнува асфалтирањето на овој патен правец, којшто е од огромен интерес за прилепчани и за жителите од овој регион“, изјави директорот Мемеди.