Започнува судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово

Започнува судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово

На 8 септември минатата година животот во пожарот го загубија 14 лица. Три физички и едно правно лице се обвинети во случајот, додека се уште трае предистражната постапка за набавката на модуларната болница.

Една година по пожарот во Модуларната болница во Тетово започнува судењето за случајот . Судењето е закажано откако предметот беше распределен кај судијата Јордан Велковски, објави Основен суд Тетово. На 8 септември, минатата година во болницата во која се лекуваа пациенти заразени со Ковид-19 животот го загубија 14 лица. Обвинети се три физички и едно правно лице.

Двајцата првообвинети се товарат дека сториле тешки дела против општата сигурност, а третиот е обвинет за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, додека обвинетото правно лице сторило две кривични дела предизвикување општа опасност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

Истрагата на тетовското обвинителство се однесуваше на надзорот и техничкиот прием на модуларната болница, од кои материјали е изградена, приклучоците за вода, снабдувањето на кислород и електрична енергија, стандарди за противпожарна заштита. Во истрагата учествуваа и експерти и истражители од Сојузната криминалистичка полиција од Германија, а нивниот извештај од седум страници беше доставен до обвинителството во средината на јануари.

Економскиот директор на тетовската болница Артан Етеми заедно со директорот на Клиничката болница Фљорим Бесими по несреќата поднесоа оставка од функцијата.

Етеми ден по отворањето на ковид-центарот на 15 април изјави дека се утврдени грешки при изградбата, односно забелешките се однесувале на подот и неколку мали инфраструктурни грешки.

Тој по несреќата рече дека тогаш биле констатирани ситни пропусти, како поправка на подот во ходникот, инсталација на туш кабина или ставање заштитна ограда што, според него, било направено.

Обвинителството во октомври, минатата година го објави извештајот изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР. Со вештачењето се утврди дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

По воочена појава на пламен, како што посочија од обвинителството, присутниот медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар.

„Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период. Кон ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите/просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот“, соопштија тогаш од обвинителството.

Извештајот на германските експерти ги потврди таквите наоди.

Јавната набавка во предистражна постапка

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја отвори предистражната постапка веднаш по несреќата, која се уште трае веќе една година.

Набавката беше спроведена од Министерството за труд и социјална политика со заем од Светска банка.

„Набавката на модуларните монтажни контејнери во 17 општини, е спроведена со меѓународна објава за набавка, во согласност со регулативите на Светска банка. Набавката се одвива во рамките на проектот за Итно справување со кризата предизвикана од вирусот Ковид 19, чиј носител е МТСП. Потписник на сите договори во рамките на проектот е МТСП, иако предмет на дел од набавките се однесува за потребите на Министерството за здравство, односно Јавните здравствени установи. Министерството за здравство, пак во директна постапка ги има набавено монтажните контејнери, односно модуларната болница за КИБФС и амбулантите за Клиника за пулмологија“, велат од Министерството за здравство.

Фирмата Брако и ЈБТ АРИ и ТОМ од Валандово ја добија набавката на контејнерите за модуларните болници. Додека пак само фирмата Брако ја доби набавката за инвентарот и опремата во ковид центрите.

Сопственици на Брако, според документацијата за набавката, се поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и Благој Шалев. Но, овластеното лице кое ги потпишува двете набавки е Шалев. На фирмата ЈБТ АРИ и ТОМ сопственик е Аристотел Исиров кој е и потпишан на договорот.

Во модуларната ковид болница во Тетово на денот на несреќата беа хоспитализирани 26 пациенти, од кои 14 загинаа, а 12 беа безбедно евакуирани. Од починатите 12 се пациенти и двајца роднини на пациент на возраст од 29 до 78 години.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Нафтените деривати од вечерва со нови цени, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги …