„Зелена лупа“: Апсолутниот карактер на забраната на тортура, која е пропишана во Конвенцијата на ОН против тортура

По повод 26 јуни, Меѓународниот ден на Обединетите нации за поддршка на жртвите на тортура, организацијата „Зелена лупа“ им искажува солидарност и поддршка на оние кои страдале од тортура и на членовите на нивните семејства. „Зелена лупа“ потсетува на апсолутниот карактер на забраната на тортура, која е пропишана во Конвенцијата на ОН против тортура, член 7 од Меѓународниот пакт на ОН за граѓански и политички права, член 3 од Европската конвенција за човекови права и други меѓународни акти (договори и други документи) за заштита на човековите права, што значи дека никој не смее да биде мачен во какви било околности и поради каква било причина. Овој став беше потврден и во практиката на Комитетот на ОН против тортура, Комитетот на ОН за човекови права, Европскиот суд за човекови права и други меѓународни тела воспоставени според соодветните меѓународни договори.
Забраната на тортура е пропишана и во член 142 од Кривичниот законик, кој досега во обвинителската и судската практика во нашата земја беше применуван релативно ретко во однос на наводите за забележени случаи на тортура (искажани во бројни извештаи на невладини организации и тела и агенции на меѓувладини организации, како што е Комитетот на Советот на Европа за спречување на тортура) при постапување по кривичните пријави што беа поднесени за соодветните случаи. Многу кривични пријави против овластени службени лица од полицијата, затворите и други установи во кои се врши задржување, затворање или друго лишување од слобода не беа процесуирани од надлежните основни јавни обвинителства, а обвинетите ретко беа санкционирани во релативно малиот број на случаи за кои беше поднесено обвинение.
Заради подобрување на ефективноста на обвинителското постапување во случаи на тортура, со измените и дополнувањата на Законот за јавното обвинителство од 2018 година беше предвидено во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) да се формира специјализирано Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција (вклучувајќи случаи на тортура).
„Зелена лупа“ ја поддржува работата на Специјализираното одделение на ОЈОГОКК и нагласува дека е потребно негово соодветно екипирање со човечки и технички ресурси, заради ефективно и навремено истражување на наводите и пријавите за тортура и нивно понатамошно процесуирање со поднесување на обвиненија, како и соработка со други државни органи (МВР, затворите и други органи и установи, во кои мора да постои нулта толеранција за тортура) и невладиниот сектор (чии активисти и адвокати ќе поднесуваат кривични пријави во случаи на тортура). „Зелена лупа“ смета дека борбата против тортура и против неказнивост за тортура не е само прилог кон заштита на неповредливоста на човековиот интегритет и достоинство, туку – со оглед на значењето кое Европската унија и други меѓувладини организации му го посветуваат на ова основното хумано и цивилизациско начело и човеково право – претставува и придонес кон напорите за воспоставување на владеење на правото и кон интегративните напори на Република Северна Македонија на меѓународен план.

Прочитајте повеќе

Партиите не можат да се воздржат од политичка злоупотреба на убиствата на Палевски

Во политичката злоупотреба на случајот со двојното убиство се чини дека предничи ВМРО-ДПМНЕ, која преку …