Патничкиот железнички сообраќај во Македонија и во 2021 година продолжил да руши неславни историски бројки според бројот на превезени патници. Според податоците на Државниот завод за статистика, со возови лани патувале само 252.000 патници, што е помалку и од 2020 година и претставува убедливо најлош резултат во историјата на постоење на Македонските железници.
Најеколошкото и најевтино средство за масовен превоз на патници во земјава доживува стрмоглав пад по почетокот на ковид-19 пандемијата во 2020 година, поради ограничувањето на движењето на населението со полициските часови и стравот од граѓаните од ширење на корона вирусот преку користење на јавниот превоз.
Сепак, Мета.мк веќе подолг период наназад пишува дека патничкиот железнички превоз во земјава бележи континуиран пад, којшто се должи на намалувањето на бројот на патничките возови што сообраќаат во земјава, но и на поплаките на граѓаните поради укинувањето на бесплатните билети, доцнењата на возовите, нечистотијата и постоењето алтернативи на железницата во такси и автобускиот превоз.
Па така, пред една деценија, во 2011 година со патничките возови во Македонија биле превезени над 1,4 милиони патници или за шест пати повеќе во споредба со денес. Доколку се вратиме наназад во периодот од пред распадот на СФР Југославија, во земјава тогаш со воз патувале во просек од 5 до 7 милиони патници годишно. Сепак, по распадот на Федерацијата, Македонија успеваше да го одржува бројот на превезени патници на околу еден милион годишно во периодот до 2015 година, од кога бројките одат исклучиво во надолна линија.
Статистичките податоци покажуваат дека лани во меѓународниот железнички сообраќај не бил превезен ниту еден патник, што е резултат на несообраќањето на возовите кон Приштина, Солун и Белград. Во четвртиот квартал од 2021 година пак, со воз патувале само 64.000 патници, што е идентична бројка во однос на крајот на 2020 година.
Причина за опаѓање на бројот на патници е и неодржувањето на возниот ред којшто самата Железници на РСМ-Транспорт го изработила. Имено, од мај 2021 година не сообраќаат патничките возови на релација Скопје-Кичево-Скопје и Скопје-Кочани-Скопје, додека од март 2020 година не функционира ниту брзиот воз на релација Скопје-Приштина-Скопје. И покрај тоа што се впишани и во возниот ред за 2022 година, засега нема информација од железничкото претпријатие кога ќе ги пуштат во функција овие железнички линии.
За разлика од уназадувањето на патничкиот железнички превоз во Македонија, во ЕУ железницата пополека се враќа на бројката на превезени патници од пред почетокот на ковид-19 пандемијата. Податоците на Евростат за третиот квартал од 2021 година, покажуваат значителен раст на бројот на превезени патници во однос на третото тримесечје од 2020 година, при што највисок раст кај бројот на патници од 45 отсто е регистриран во Словенија.
Европските статистички податоци велат дека во дури 20 земји-членки на ЕУ имало зголемување на бројот на превезени патници со возовите, додека само кај три земји (Чешка, Хрватска и Латвија) во третиот квартал било регистрирано намалување на користењето на железничкиот превоз од граѓаните. Извонредни резултати во третиот квартал од 2021 година имаат Италија со над 29,2 милиони и Шпанија со над 22,3 милиони дополнителни превезени патници во споредба со третиот квартал од 2020 година.
Дури и соседните Грција и Бугарија регистрирале зголемен број на превезени патници. Нашиот јужен сосед имал за 28.000 патници повеќе во возовите, додека кај железницата во Бугарија е забележан раст на бројката на превезени патници за 225.000.
„Податоците покажуваат дека бројот на патници и понатаму е под нивото од пред ковид-19 пандемијата во третиот квартал од 2019 година, но постојат индикации за постепено подобрување во секторот“, велат од Евростат.
Враќајќи се назад во Северна Македонија, дел од јавноста, како што е Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, веќе неколку месеци наназад бараат враќање на укинатите поволности за студентите, како што се бесплатните билети за воз. Тие испратија новогодишни честички до државните и локалните власти, при што од централната власт побараа да им се врати правото на бесплатен железнички превоз коешто беше укинато со владина одлука на почетокот на ковид-19 пандемијата во март 2020 година.
Извор: МЕТА