ЗОИ во Пекинг - дубиозни олимписки игри

ЗОИ во Пекинг – дубиозни олимписки игри

Малку радосно исчекување, уште помалку гледачи, без познати политичари, практично никаква слобода на движење и речиси без снег, а многу критики. Дали вакви ЗОИ имаат воопшто иднина, се прашува во коментарот Дагмар Енгел.

Дали Томас Бах, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) се сожалува себеси? Тој мора да позира со насмевка пред фотографите покрај кинескиот претседател Ши Џинпинг, додека овој го опсипува со пофалби и признанија. Ши Џинпинг е одговорен за тешки кршења на човековите права и слободи,за репресија, прогон, тортура и угнетување на стотици илјади Ујгури, за придонес во гушење на демократијата во Хонг Конг, за тоа дека неговиот народ не може да ја види реалната ситуација поради тоа што во земјата нема слобода на печат, ниту слободен пристап до интернет. Но, Томас Бах за тоа не може да стори ништо, освен да ја повторува својата мантра дека МОК е политички неутрален. МОК нема мандат да ја оценува состојбата со човековите права освен ако тоа не е поврзано со Олимписките игри. Пронаоѓа ли тој утеха во ваквата аргументација кога ќе си се погледне навечер во огледало во својата соба во луксузниот хотел во Пекинг?

Ши Џинпинг од друга страна воопшто не се воздржува кога станува збор за поврзаноста на спортот и политиката. Впрочем, Олимписките игри се одлична можност да се приреди пропагандно шоу. Во светло на растечката критика на глобално ниво на сметка на Ши, се чини дека Олимпијада му е последната алатка „на мека моќ“ која може да ја искористи. Поради тоа, тој не обрнуваше внимание на финансиските трошоци или еколошки последици, градејќи борилишта за олимписки спортови од нула, на место каде што претходно немало вакви спортови, ниту пак ќе има по Олимпијадата, затоа што Кина едноставно не е нација за зимски спортови.

Милиони нови клиенти?

Барем засега сѐ уште нема. Во својот обид да стане домаќин на игрите, Пекинг при номинацијата за ЗОИ се пофали дека 300 милиони Кинези ќе станат ентузијасти за зимски спортови, што е огромен пазар. До средината на јануари Ши гордо објави дека планот е надминат и дека сега има 349 милиони љубители на зимски спортови во Кина.

Ако овие бројки се вистинити, при што е невозможно да се провери овој наводен факт во Кина, тоа би било благодет за меѓународната скијачка индустрија, на која во моментов не ѝ оди баш добро –  поради последиците од климатските промени, како и поради фактот што паѓа помалку снег, но и тоа дека одржливоста игра сѐ поголема улога кај љубителите на зимски спортови од Западот.

Сепак, не беа само парите за ски-индустријата клучни при одлуката ЗОИ да му се дадат на Пекинг. Не беше пресуден ниту приходот за МОК од една и пол милијарда долари. Пари од ТВ-преноси и спонзорства ќе имаше и на друго место, во друга земја, во која се почитуваат човековите права и владее демократија.

Проблемот е што ниту една ваква земја не поднесе кандидатура заорганизација на ЗОИ. Седум од девет земји кои претходно планираа да поднесат номинации, се повлекоа. И сите седум се од зимски региони во демократски земји. Таму граѓаните добија збор, а повеќето од нив сметаа дека цената за одржување на игрите, која, за разлика од приходите, е на грбот на даночните обврзници, е премногу висока. Потоа на списокот останаа само уште два града од земји-автократии: Алмати во Казахстан и Пекинг.

Фундаментални прашања

Значи, ако сакаме да спречиме критиките за изборот на Пекинг да станат евтини забелешки, мора да си поставиме неколку фундаментални прашања. Дали ние – како нации, како навивачи, како ентузијасти за зимски спортови и како активни учесници – сè уште ги сакаме Зимските олимписки игри? Дали сè уште веруваме во олимписката идеја, како идеја за мирно атлетско натпреварување меѓу еднаквите, без дискриминација? Исто така, зарем игрите не би можеле да се изведуваат поскромно – на пример, со користење на постојната инфраструктура и постојни места за зимски спортови, наместо дополнително да се уништува природата за да се изградат нови борилишта? Можеме ли без мегаломанијата на МОК, која се чини им е многу важна? Зарем не треба да се промени начинот на кој се распределуваат приходите и расходите? Дали МОК треба целосно да се „реновира“?

Ако одговорот на овие прашања е „да“, тогаш Милано и Кортина Д’Ампецо имаат шанса да ги подобрат работите за четири години. Тогаш ќе можеме да ги славиме успесите на спортистите на натпреварите и истовремено да ја критикуваме кинеската влада.

И уште едно прашање за крај: Каде е Пенг Шуаи?

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Супербоул: Канзас Сити ја одбрани титулата во НФЛ

Супербоул: Канзас Сити ја одбрани титулата во НФЛ

Екипата на Канзас Сити Чифс ја одбрани шампионската титула во НФЛ, откако ноќеска во Лас …