Зошто во Турција има многу земјотреси?

Зошто во Турција има многу земјотреси?

Катастрофалниот земјотрес кој ги погоди Турција и Сирија однесе речиси 5000 жртви. Повеќе од 25.000 луѓе се повредени. Сеизмолозите наведуваат повеќе причини за постојаното тресење на земјата во тој регион.

Во Турција и во други региони на светот, земјата постојано трепери. Зошто? Земјината кора е еден вид сложувалка и тоа релативно динамична сложувалка, која се состои од многу поединечни делови – од неколку гигантски океански плочи и повеќе мали континентални плочи. Колку мали и многу ситни тектонски плочи постојат е прашање за кое науката сѐ уште дебатира.

Она што е неспорно, меѓутоа, е дека овие плочи се движат по неколку сантиметри годишно. Тоа е сосема нормално. Тие или се оддалечуваат една од друга, се тријат една со друга или понекогаш се туркаат една под друга. Тогаш, делот од континентот над нив се придвижува. Тие движења се нарекуваат тектоника на плочи.

„Прашањето не е дали ќе има земјотрес, туку кога“

Во октомври 2020 година, земјотрес го потресе Егејското Море. Епицентарот на земјотресот беше во близина на провинцијата Измир, а се случи во близина на површината на морето. Загинаа повеќе од 100 луѓе, а над илјада беа повредени.

Турција долго време е интересна за истражувачите на земјотреси. Германскиот гео-истражувачки центар (ГФЗ) во Потсдам во 1980-тите инсталираше мерни уреди во Турција и оттогаш врши сеизмички мониторинг. Се покажува декаризикот од земјотрес, на пример во целиот регион околу Мраморното Море, на чиј брег се наоѓа Истанбул, е многу висок.

„Прашањето не е дали ќе има земјотрес. Прашањето е кога тоа ќе се случи“, изјави во 2019 година Марко Бонхоф, сеизмолог од ГФЗ и познавач на регионот. Бонхоф и другите експерти оваа проценка ја засноваа на појавата на неколку силни земјотреси во текот на историјата на Истанбул, постојаното континентално поместување под Мраморното Море и фактот што директно пред портите на Истанбул има земјотресна зона која долго време беше сомнително тивка.

„Постојат многу индикации дека оваа област моментално и веќе долго време е вклештена. Притоа се создаваат тензии кои на крајот ја надминуваат јачината на карпата и се ослободуваат за неколку секунди со поместување на двете тектонски плочи за неколку метри“, објасни сеизомологот во разговор за научната платформа ЕСКП (Earth System Knowledge Platform).

Вистинска опасност за зградите, инфраструктурата и локалното население претставуваат земјотресните бранови што произлегуваат од тоа. Затоа, според Бонхоф, прашањето не е „ако“, туку „колку силни“ и „кога“.

Најдобра заштита од земјотреси се градби отпорни на земјотреси. За жал, ова е многу скапо, вели сеизмологот. Прашање е дали е подобра алтернатива доградбата или изградбата од нула. За време на вчерашните (6.02) потреси во турско-сирискиот пограничен регион само во Турција се урнале повеќе од 1.700 згради.

– повеќе: Зошто беше толку смртоносен земјотресот во Турција и Сирија?

Значајна улога играат не само градбите, туку и подлогата. Генерално важи правилото: колку поцврста подлога, толку подобро. „Најдобро е подлогата да биде од гранит. Поинаку е кога подлогата е од седименти како песок или глина“, вели Бонхоф.

– повеќе: Сеизмолозите смируваат: нема опасност на Балканот по земјотресот во Турција и Сирија

На мека подлога може да дојде до засилување на движењето на почвата, делумно заедно со ефекти на т.н. „ликвефакција“ (појава на промена на механичките својства на почвата поради натопување, при што таа ја губи цврстината и станува течна). Ако се тапка на исто место во песокот, таму се собира вода. „Тогаш подлогата станува нестабилна.“

Прочитајте повеќе

Столтенберг - НАТО ќе испрати противвоздушни системи во Украина

Столтенберг – НАТО ќе испрати противвоздушни системи во Украина

Земјите на НАТО се согласија да испратат повеќе системи за противвоздушна одбрана во Украина, вклучително …