Министерство за здравство

150 лиценцирани доктори со апел до Министерството за здравство: Или веднаш спроведете ја, или укинете ја задолжителната 6-месечна платена пракса

До редакцијата на ПУБЛИКУМ пристигна писмо од докторите кои со лиценца се стекнале после 22.05.2019 година, а кои од надлежните институции, пред се’ Министерството за здравство, бараат итно спроведување на задолжителната 6-месечна платена пракса, или пак нејзино укинување, со цел да не го пропуштат есенскиот рок за добивање на специјализации. Станува збор за околу 150 лиценцирани доктори.

Нивното писмо го објавуваме во интегрална форма.

Почитувани,

Преку Вашиот медиум се обраќаме до надлежните институции и до целата јавност, по однос на чл.8 од измените на Законот за здравствена заштита донесени од страна на Министерството за здравство, а кои што се однесуваат на докторите кои со лиценца се стекнале после 22.05.2019 г.

Донесените законски измени не’ условуваат нас, докторите, да поминеме 6 месеци во таканаречена „платена пракса“, без која не би можеле да добиеме специјализација.

Теоретски, сето ова навидум изгледа изводливо, но во последните 3 месеци сведоци сме на бројни проблеми од административен и друг карактер.

Имено, и после многуте одржани состаноци со претставници на Министерството за здравство и министерот Венко Филипче, сеуште ни се пласираат празни ветувања, без да добиеме решение за проблемот кој го засега секој млад доктор кој не планира да си замине од државата.

Проблемот се состои во тоа што ние, 150 доктори со лиценца, заглавени сме во лавиринтот помеѓу Министерството за здравство, Министерството за финансии и здравствените домови низ државата.

Нашиот предлог е или веднаш да се пристапи кон реализација на задолжителната 6-месечна пракса, со цел да не го пропуштиме рокот за добивање на специјализација, или пак да се пристапи кон законска измена за нејзино укинување.

Во насока на поедноставување на проблемот и негово побрзо надминување, имаме неколку прашања кои ги упатуваме до Владата, Министерството за здравство и Министерството за финансии:

  • Каде во институционалниот лавиринт е „заглавен“ нашиот предмет?
  • Кога ќе започне 6-месечната платена пракса?
  • Дали се обезбедени финансиски средства за исплата на сите доктори?
  • Дали во здравствените домови низ државата има доволно места за распределба на сите доктори, во текот на предвидениот временски рок?
  • Дали сметате дека е ова вистинската стратегија за задржување на младите доктори во државата?

Доколку во најкраток рок не се најде решение за нашиот проблем, постои реална можност да го пропуштиме рокот за добивање на специјализации, со што секој од нас би изгубил една драгоцена година од нашата понатамошна едукација. Од тие причини, уште еднаш апелираме до Министерството за здравство и до министерот Филипче, да покажат иницијативност и желба за решавање на овој проблем што е, убедени сме, од интерес на двете страни.

Истовремено, сакаме да потенцираме дека во услови на пандемија на ковид-19, кога нашиот здравствен систем се соочува со недостиг од медицински кадар, пред се’ доктори, секој од нас може да биде ангажиран и да го даде својот придонес во справувањето со овој проблем.

Ви благодариме на соработката и на разбирањето.

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …