Денеска се навршуваат 79 години од смртта на народните херои Борка Талески и Лазо Филиповски-Лавски, а по тој повод бројни општински делегации денеска положија свежо цвеќе пред спомен обележјата на двајцата борци.

Претставници од Советот на општината, од двете институции кои го носат името на херојот Борка Талески, Градската библиотека и Општата болница, општинската организација на Сојузот на борци, се поклонија пред спомен обележјето кај месноста Чашка, во близина на селото Плетвар, каде на 2 март 1942 година, во заседа на бугарската полиција се убиени двајцата народни херои.

Свежо цвеќе беше положено и пред бистите на двајцата херои во Алејата на народните херои во Паркот на револуцијата, како и пред спомен бистата на Лазо Филиповски-Лавски, која се наоѓа во подрачното училиште на ООУ „Добре Јованоски“.

Покрај одбележувањето на 79 годишнината од смртта на нејзиниот патрон, ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ денеска чествуваше и 100 години од раѓањето на на македонскиот драматург, публицист, писател, првоборец, дипломат и политичар, прилепчанецот Коле Чашуле.

Во рамки на чествувањата, покрај полагањето цвеќе пред бистата на  народниот херој, во просториите на Градската библиотека им беа доделени награди и благодарници на најредовни читатели за 2020 година, како и на наградените ученици од конкурсите: „Најдобар краснопис“, „Најдобар рецитатор“ и „Најдобра лична творба“.