79 години од загинувањето на Кузман Јосифоски - Питу

79 години од загинувањето на Кузман Јосифоски – Питу

Денеска се навршуваат 79 години од загинувањето на еден од главните организатори и идеолози на антифашистичкото движење и на НОБ во Македонија, Кузман Јосифоски – Питу.

Кузман Јосифоски е роден на 23 јуни 1915 година во Прилеп. После завршувањето на основното образование, се запишува во Гимназијата во Битола.

Студирал на Универзитетот во Белград, каде бил еден од предводниците на напредната студентска младина. Член на КПЈ станал во 1938 година. Бил еден од организаторите на студентско друштво „Вардар“ и на македонското национално движење МАНАПО.

Во 1939 година, Кузман бил испратен на партиска работа во Прилеп, каде бил поставен за секретар на Месниот комитет на КПЈ. Бил организатор и учесник на повеќе национални манифестации и демонстрации за подигање на национално-револуционерната свест за продолжување на ослободителната борба против окупаторскиот режим.

Во октомври 1941 земал активно учество во организирањето и дејствувањето на Првиот прилепски партизански одред. Неговата активност во 1942 година се одвивала во западните делови на Македонија, каде успеал да ги возобнови старите и да оформи нови ограноци во Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Струга и во мавровскиот регион.

Тој е еден од иницијаторите за издавање на партискиот леток „Востаник”, кој подоцна е преименуван во „Братство”, кој бил единствен весник во тој период кој излагувал со статии напишани и на македонски и на албански јазик, бидејќи бил дистрибуиран низ региони каде живееле и Македонци и Албанци.

По Преспанското советување на 2 август 1943 година, Кузман заминал во Скопје да раководи со борбата на македонскиот народ, во заднината на фашистичкиот окупатор.

Во февруари 1944 година му било кажано дека бугарската полиција дознала за неговата активност и дека мора да замине во партизани. Во обидот да го напушти Скопје, на 25 февруари, во Козле во близина на некогашната фабрика „Алумина“, бил убиен од бугарската фашистичка војска.

За Народен херој на Југославија, Кузман Јосифоски – Питу бил прогласен на 2 август 1945 година.

Прочитајте повеќе

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

Од ССНМ и од ЗНМ велат дека Светскиот ден на слобода на медиумите – 3 …