Пионот, кралицата, коњот и глупиот Август

Пионот, кралицата, коњот и глупиот Август

Расправата за промената во владината коалиција ја постави сцената за политичката разврска до следните избори. А тие, како што најави Ковачевски, ќе бидат во јули догодина, а не со вториот круг од изборот на претседател.

Колумна на Љупчо Поповски

Иако изгледа дека работите се навидум исти по двонеделната расправа околу разрешувањето на министрите и именувањето на нови членови на Владата – бескрајни дискусии на опозицијата за да се одложи процесот – тие во никој случај не се какви што беа. Сцената е поставена за последната година од мандатот на кабинетот на Димитар Ковачевски, за претседателските избори, за парламентарните избори и за она што е постојана топ-тема: гласањето за уставните измени.

Ковачевски изјави дека со влегувањето на Алијансата за Албанците во владините структури таму ќе има нова енергија и тој не е далеку од вистината. Никој не би можел да каже како ќе функционира Владата кога новите министри ќе ги заземат позициите, но работите веројатно ќе добијат нова акцелерација. Дали тоа ќе биде доволно да се намали разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во анкетите ќе мора да се причека неколку месеци.

Какви се улогите на актерите на оваа новопоставена сцена?

Една реченица на Димитар Ковачевски за време на пратеничките прашања помина речиси незабележана во јавноста. Премиерот изјави дека по собраниската потврда на новото мнозинство работите околу изборите нема да се одвиваат онака како што беа земани здраво за готово во општествената и политичката дебата. Ковачевски објави дека во април догодина ќе се одржат претседателските избори, а во јули, кога е регуларниот термин, парламентарните. Што значи дека нема да има спојување на двете гласања во вториот круг од изборот на претседател.

Тоа значи дека власта се подготвува да го употреби францускиот модел на изборите. Французите вообичаено во април на секои пет години избираат претседател на републиката, а потоа за два месеци се одржуваат и парламентарните избори, кои треба да му овозможат на шефот на државата да може да владее со мнозинство во законодавниот дом.

Ова преместување на нештата на сцената ја најави пред десетина дена во својот текст за Дојче веле поранешниот висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров. Наведувајќи дека ако се оствари ваквото сценарио тоа ќе биде „свилен гајтан“ за неговата партија од која беше исклучен во 2018.

Нема што да додадеме на неговото политичко предвидување, па затоа ќе пренесеме еден дел од него: „СДСМ и ДУИ, а сега и Алијанса, може да се договорат најпрво да организираат претседателски избори, а потоа, откако евентуално би победил нивниот заеднички кандидат за претседател, да одат како победници на следните редовни парламентарни избори. Тактиката во случајов е да формираат предизборна коалиција и сите да застанат зад заеднички претседателски кандидат, кој во првиот круг би се спротивставил на кандидатот на ВМРО, но и на извесните кандидати на Левица, можеби и на БЕСА и на некој од здружените помали политички субјекти. Тоа би значело дека во вториот круг би оделе кандидатот на здружената власт, против кандидатот на некомпактната опозиција, што би ја поставило власта во пол позиција, со значително поголеми шанси за победа во вториот круг. Ова е многу важно, затоа што партијата која ќе победи на претседателските избори, многу веројатно е дека ќе победи и на следните парламентарни избори… Во една ваква хипотетичка ситуација, со победа на претседателските избори, власта, доколку одлучи да оди на парламентарните избори со македонско-албанска предизборна коалиција, потпомогната од позитивниот бран од евентуална победа на претседателските избори, може, неочекувано, и целосно незаслужено, повторно да биде поставена во пол позиција и за следните редовни парламентарни избори“, напиша Тодоров.

Бомба што не беше бомба

Премиерот во четвртокот (22.02) ја потврди оваа анализа на Тодоров. Доколку до есен остане овој план, што беше најавен, тоа ќе биде сосема нова политичка битка.Она што го кажа вицепремиерот Артан Груби во интервјуто за Канал 5 подоцна во четвртокот повеќе беше да се види каде ќе трча зајакот кога ќе биде избркан од грмушките и неговата патека беше онаква каква што се предвидуваше. Груби рече: „Еве понуда во живо. Знам дека и премиерот и лидер на СДСМ, Ковачевски, и господинот Ахмети, ќе се сложат со ова: да одиме на седница на Собрание со две точки на дневен ред. Прва точка – уставни измени, а втора точка – распуштање на Собранието и предвремени избори. Бујрум, нека влезат, нека гласаат за уставни измени и одиме на избори. Еве, ова нека биде компромис на средина“.

Ова изгледаше како бомбастичен политички предлог, но во него немаше ништо повеќе отколку политичка итрина. На една седница на Собранието со две точки не можат да се направат уставните измени. Тоа е процес кој трае три, четири, пет месеци. Има три фази. Во првата потребно е гласање од две третини во Собранието, во втората, 61, во третата пак две третини. Во меѓувреме треба да се формулира како ќе изгледа уставната измена за внесување на Бугарите, а и некои други малцинства во уставот, да се спроведе јавна расправа. И идната недела ВМРО-ДПМНЕ да го прифати овој предлог целата процедура би завршила наесен, па сто дена техничка влада и до избори би се стигнало најрано во февруари догодина.

Од ВМРО-ДПМНЕ побрзаа да извикаат како боцнати со остен – „Груби, исто како и Ковачевски, нема мандат да турка уставни измени без да биде прашан народот на избори. И тука нивната позиција – прво уставни измени, па избори – значи пропаѓање на сите нивни лаги дека имале мнозинство за уставните измени, што значи дека по повеќе месеци континуирани манипулации се распрснува како меур сапуница лагата дека тие само што не се изгласале“. Па уште ќе додадат дека „за нив повеќе не важи правилото за коалицирање победник со победник“. Тоа за СДСМ може и да биде добро, па дури и да ги изгуби изборите можеби ќе има шанса со албанскиот блок со кој ќе оди на претседателските избори да обезбеди мнозинство во Собранието и да му остави на ВМРО-ДПМНЕ и наредните четири години секој ден да бара предвремени избори.

Ова е во областа на хипотетиката. Што може да се случи во поблиска иднина, и тоа онаа најблиската, в понеделник? Тогаш во Брисел треба да се сретнат српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти. Според најавите од претставникот на ЕУ, Мирослав Лајчак, а и и од други функционери на Унијата, Вучиќ и Курти треба да го прифатат европскиот предлог, што е конечна варијанта на француско-германскиот предлог со кој ќе стартува неговата имплементација и во чија срж, иако не се споменува директно, е признавањето на Белград на независноста на Косово. Доколку се случи тоа, ситуацијата во регионот веќе нема да биде иста како последниве 25 години. Вучиќ ќе мора да најде начин да го „продаде“ договорот во Србија. И доколку се случи тоа и се одблокираат запрените преговори на Србија со ЕУ, ќе остане само уште една точка која треба да се реши во Западен Балкан – уставните измени во Македонија за регионот да ги отстрани сите формални пречки за побрз напредок во пристапувањето кон ЕУ.

Извор: DW

Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …