Западот едногласен во поддршката за Украина

Пораки со поддршка за Украина, најави за помош, нови санкции кон Русија од страна на сојузниците на Киев, доаѓаат на првата годишнина од руската инвазија врз Украина. Украинскиот лидер Володимир Зеленски вели дека Русија мора да ја изгуби војната, а од руска страна пак, доаѓаат ветувања дека Русија е таа што ќе победи. Кина предлага план од 12 точки за да се спречи руско-украинската криза да излезе од контрола.

Русија мора да биде поразена во војната во Украина за да престане да се обидува да ги освои териториите што некогаш ги контролираше, изјави преку видео врска украинскиот претседател Володимир Зеленски на 24 февруари на прес- конференцијата во Литванија.

На годишнината од инвазијата не престануваат борбите на истокот и југот на земјата, соопштуваат украинските власти.

„Русија мора да загуби во Украина. Рускиот реваншизам мора засекогаш да заборави на Киев и Вилнус, на Кишињев и Варшава, на нашите браќа во Латвија и Естонија, во Грузија и секоја друга земја што сега е загрозена“, рече Зеленски.

Тој претходно преку објава на социјалните мрежи вети победа против Русија.

На 24 февруари се навршува една година од кога Русија започна инвазија на Украина, која руската страна ја нарекуваше „специјална воена операција“. Во воениот конфликт илјадници луѓе загинаа, градови се срамнети со земја, а војната се одрази и врз целиот свет, предизвикувајќи високи цени на енергенсите и храната и висока инфлација.

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, пак, ветува дека неговата држава ќе биде победничка во офанзивата во Украина и е подготвена да се бори до полската граница за да се спротивстави на „заканите“.

„Победата ќе биде постигната. Затоа е толку важно да се постигнат сите цели на специјалната воена операција. Да се потиснат границите на заканите против нашата земја што е можно подалеку, па дури и ако треба до границите на Полска“, објави Медведев на Телеграм.

САД ветија две милијарди евра нова помош за Украина

Соединетите американски држави на годишнината од инвазијата, најавија нов пакет воена помош за Украина во вредност од две милијарди долари, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.

„Ќе продолжиме да следиме што е потребно и да се погрижиме Украина да го добие она што и треба за да успее на бојното поле“, изјави Саливан на настан организиран од Си-Ен-Ен.

Тој рече дека земјите од Групата седум најразивени земји (Г7) денеска ќе објават нова рунда санкции за држави кои и помагаат на Русија.

Санкции денеска објави и Британската влада. Санкциите вклучуваат и забрана за извоз на секој производ што Москва го користи на бојното поле.

НАТО: Русија веднаш мора да ја прекине војната

На денот на годишнината, од НАТО соопштија дека се „одлучни“ во својата поддршка на Украина и нагласија дека „пропаѓаат руските напори да ја наруши решителноста на храбриот народ на Украина“.

„Русија мора веднаш да ја прекине својата „нелегална војна“ што влијае на глобалните резерви на храна и енергија“, се наведува во соопштението од Алијансата, по повод годишнината.

Од НАТО побараа Москва да одговора за нејзините „воени злосторства“.

Во Брисел денеска со низа настани се одбележува годишнината од почетокот на руската инвазија на Украина.

Централниот настан е откривањето на муралот „Ѕидот“, четвртиот од петте планирани мурали, кои заедно го сочинуваат проектот „Ѕидот“.

Како дел од тој проект, беа создадени мурали во Виена, Берлин и Марсеј, а во март ќе биде поставен нов мурал во Кенија.

Муралот е соработка помеѓу две украински уметнички, сестрите Фелдман и белгиската Тереза Сдралевич. Проектот ја симболизира демократијата, отпорот и единството меѓу Украина и Европа.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „не успеал да постигне ниедна“ цел.

„Една година од почетокот на неговата брутална војна, Путин не успеа да постигне ниту една од своите стратешки цели… Наместо да ја избрише Украина од картата, тој се соочува со нација поенергични од кога било“, рече таа.

Пораки со поддршка до Украина упатија и други светски лидери.

Во Берлин, канцеларот Олаф Шолц рече дека Германија ќе ја поддржува Украина „силно и онолку долго колку што е потребно“. Претседателот на Франција, Емануел Макрон, исто така, ја потврди поддршката на Франција за Украина.

Кина предлага план од 12 точки

Од друга страна Кина сака да спречи руско-украинската криза да излезе од контрола, нагласувајќи дека дијалогот и преговорите се единствените можни начини за решавање на конфликтот, се вели во документот објавен од кинеското Министерство за надворешни работи.

Кина предлага план од 12 точки за укинување на западните санкции против Русија, воведување мерки за безбедност на нуклеарните локации во Украина, отворање на хуманитарни коридори за евакуација на цивили и преземање активности за обновување на извозот на жито.

„Мора да се напушти менталитетот на Студената војна. Безбедноста на една земја не може да се гарантира на сметка на безбедноста на другите земји, а регионалната безбедност не може да се гарантира со зајакнување или дури и проширување на воените блокови“, се вели во документот на Кина.

Пораки за поддршка и од Македонија

Порака со поддршка за Украина на годишнината до почетокот на инвазијата испрати и македонскиот министер за надворешни работи, кој е и претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи. Украинскиот народ не е сам во битката за мир и правда, порача тој во видео обраќање.

Претседавачот на ОБСЕ во јануари ја посети Украина и посети неколку места кои беа силно погодени од воените дејствија.

Во знак на солидарност со Украина, украинското знаме е поставено до македонското на јарбол пред зградата на Министерството за внатрешни работи, по повод годишнината од стартот на руската агресија врз земјата, објави ресорниот министер Оливер Спасовски на својот Фејсбук профил.

Во знак на солидарност со Украина, украинското знаме е поставено до македонското на јарбол пред зградата на Министерството за внатрешни работи во Скопје
Во знак на солидарност со Украина, украинското знаме е поставено до македонското на јарбол пред зградата на Министерството за внатрешни работи во Скопје 

Годишнината ја одбележуваат и од Здружението на Украинци во Македонија „Лесја Украинка“, со митинг на главниот плоштад во Скопје.

Торта во форма на череп пред руската амбасада во Белград

Во соседна Србија, пак, група антивоени активисти се собраа во петокот наутро во близина на руската амбасада во Белград за да протестираат против руската инвазија на Украина.

Ова е еден од многуте настани што се случуваат на 24 февруари во Белград и Нови Сад по повод една година од почетокот на руската инвазија на Украина.

Според известувачот на Радио Слободна Европа (РСЕ), дваесетина активисти донеле торта во форма на череп што сакале да ја предадат на руската амбасада во Белград.

Торта со череп оставена пред руската амбасада во Белград.
Торта со череп оставена пред руската амбасада во Белград. 

Во четвртокот, на 23 февруари, Генералното собрание на Обединетите нации изгласа резолуција со која се бара руските трупи да се повлечат од Украина.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Од француски воз била украдена торба со безбедносни планови за Олимпијадата во Париз

Инженерот кажал дека неговиот службен компјутер и двата USB-стикови содржеле чувствителни податоци во врска со …