Бројот на загинати во рускиот напад врз зграда во Украина се искачи на 20

Бројот на загинати во рускиот напад врз зграда во Украина се искачи на 20

Бројот на загинати од вчерашниот руски ракетен напад врз станбена зграда во централниот украински град Днипро се искачи на 20, изјави денеска регионалниот гувернер Валентин Резниченко.

Тој рече дека 73 лица биле повредени во нападот во Днипро, само еден од неколкуте украински градови кој што беше цел на руски ракети во текот на вчерашниот ден.
Доцна синоќа, локалните власти соопштија дека 38 лица, меѓу кои шест деца, биле спасени. Меѓу потврдените мртви, има и едно дете, 15-годишно девојче.

Градот, исто така, прогласи тридневна жалост за, како што го нарече, најлошиот „терористички напад на Днипро“ од почетокот на целосната инвазија на Русија во февруари.

„Спасувачите користеа кран за да се обидат да ги евакуираат луѓето заробени во горните катови на станбената зграда, од кои некои сигнализираа со батериските светилки на нивните мобилни телефони“, рече Кирило Тимошенко, заменик-шеф на украинскиот претседателски кабинет, на апликацијата Телеграм.
Украинската војска соопшти дека се претпоставува оти деветкатницата била погодена со ракета со долг дострел Kh-22. Во зградата живееле повеќе од 1.100 луѓе.

Воената команда на Украина денеска соопшти дека Русија вчера извела три воздушни напади, 57 ракетни и 69 напади од тешки ракетни системи.
Днипро беше само еден од неколкуте украински градови кои беа цел на руски ракети на 14 јануари. Инфраструктурни објекти беа погодени и во западните региони Лавов и Ивано-Франковск, во областа Одеса на Црното Море и во североисточниот дел на Харков. Мета беше и главниот град Киев.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Филипче Митинг со младите

Д-р Филипче до младите: Единствен начин за трајна трансформација на општеството е интеграцијата во ЕУ

Младите се движечката сила, покренуваат револуции и создаваат иновации и затоа нивните идеи се клучни …