Ќе учествуваме во влада којашто ќе биде европски настроена и која ќе се нафати да ги спроведе уставните измени, вели во интервју за РСЕ Изет Меџити – претседател на партијата Демократско движење која е дел од албанската опозициска коалиција „Вреди“. Тој зборува и за гласањето на дијаспората и за учеството на политичари од Косово во нивната изборна кампања.
Вашите ветувања за изборите се фокусирани на економијата. Најавивте дека на граѓаните ќе им се поделат 49 отсто од акциите на државните претпријатија, односно на секој граѓанин ќе му се поделат акции во вредност од 10.000 евра. Како планирате да ја реализирате оваа мерка?
Прво, главниот проблем во нашата држава е корупцијата и таа се одвива, не во министерствата, туку во повисоки инстанци. Бидејќи тоа не го прави министер кој носи закони и правилници, тоа се прави преку притисоци или директори во јавните и државните претпријатија, како што е РЕК Битола, ЈПДП, Македонски пошти и добар дел од државните и јавните претпријатија се тло на најголемиот криминал и корупција во државата, којшто веќе има размери на епидемија, според американската амбасадорка и европските амбасадори. Имаќи предвид дека во анкетите, 7 од 10 клучни прашања кои што ги тангираат граѓаните се економски прашања, ние искочивме со овој предлог јавните предпријатија и државните да ги вратиме во рацете на граѓаните. Идејата е 49 проценти од овие јавни и државни претпријатија да се вратат како ваучери на акцији за секој граѓанин, без разлика кој е и што е. Доволно е да е граѓанин на Република Македонија. Бруто вредност на овие јавни претпријатија ако искочат на берза се е околу 20 милиарди евра и 49 проценти кога ќе се поделат на граѓаните на Македонија, секој би имал таков ваучер таков,со што ќе расте надзорот врз нив.
Но, голем дел од овие државни претпријатија работат со загуби. Што ќе добијат граѓаните?
Главниот проблем кај нив е големата корупција и поголемиот надзор од самите граѓани, ќе се намали корупцијата потоа нема да има потреба од субвенции на државата. Другиот дел од 51 отсто мислам дека треба да оди со јавно-приватно партнерство во кое што ќе влезат сериозни фирми. Идејата е 51 отсто да се оди со јавно-приватно партнерство и 49 отсто да се претворат во акцији за граѓаните.
Дали со оваа мерка мислите и на најбогатите фирми, како Телеком или ЕВН?
Во Телеком, таму веќе е останат мал дел, но и тој мал дел не оди во интерес на државата и на граѓаните. Ако се останати 10 проценти, треба да се претворат во акцији и дел да бидат во раците на граѓаните.
Одржавте собир со дијаспората во Берлин од каде рековте дека токму дијаспората ќе го казни ДУИ. Зошто се потпирате на дијаспората кога се покажа дека кај нив нема интерес да гласаат?
Прво, мислам дека дијаспората придонесува многу за државата. Тие секоја година внесуваат повеќе од милијарда евра. Второ, тие се граѓани на нашата држава и од различни причини не се тука присутни. Тие делуваат надвор од државата и сериозна земја, која од дијаспората има ваков приденес и учинок на економски план, но и на политички план, треба во прва прилика да им овозможи и тие да гласаат едноставно, а не како што е сега да треба да се пријавуваат, па неколку пати да одат до амбасадите, па да гледаат дали ги има во листите или ги нема. Или, пак, тие треба да се одлучат да патуваат до тука заради гласање. Тие имаат влијание со тоа што ги помагаат семејствата тука, а што е најбитно кај дијаспората, според мене, кога сакаш да видиш колку вредиш или дали се во права насока твоите политики, за тоа најдобар судија е дијаспората.
Кои ќе бидат вашите главни услови за можно учество во идната Влада?
Сега сме фокусирани на средби со граѓаните, на промовроње на програмата и на длабока победа и промена во албанскиот кампус после 22 години. По победата, ќе седнеме со партиите од македонскиот блок, зависно од тоа како ќе гласаат македонските гласачи. Во принцип, нема да учествуваме во влада по секоја цена. Ќе учествуваме во влада којашто ќе биде европски настроена, којашто нема само да зборува, туку и ќе се нафати на уставни промени, бидејќи цениме дека тоа е единствена алтернатива за граѓаните во Република Македонија. Тука сме подготвени заедно да разговараме и да се помагаме овие бугарски заложби и барања да бидат последни, да има некаков финансиски импулс од Европската унија. Ги разбираме нашите сограѓани Македонци. Не сакаме да сфатат дека ние сакаме да ги потистиме, но цениме дека ова е единствен пат. Треба да најдеме сили и енергија и заедно да чекориме кон тој пат.
Дали тоа значи дека ако не добиете гаранцији за уставните измени ќе останете во опозиција?
Кажав дека не претендираме по секоја цена да бидеме дел од владата. Сакаме да бидеме во европски ориентирана влада.
Извор: РСЕ