Големината на европските дипломати се состои во оддавањето внимание на, наизглед, малите работи.
„Почитувана госпоѓо Смилеска,
За Вашата здравствена состојба разбрав од медиумите. Дозволете ми, од име на Амбасадата на Република Франција и во мое лично име, да Ви посакам што поскоро потполно закрепнување. Во овие тешки моменти за сите нас, да ја сочуваме вербата дека заедно ќе излеземе посилни од оваа криза, како што секогаш сме успевале тоа да го направиме. Заедничките одбележувања на Примирјето од Првата светска војна во Прилеп и во Битола, на коишто и Вие лично присуствувавте, се само еден пример за тоа“, се вели, покрај другото, во писмото со желби за оздравување кое Кристиан Тимоние, амбасадорот на Република Франција во нашата држава, и’ го испрати на пратеничката на СДСМ, Кети Смилеска.
Писмото стигнало на домашна адреса на пратеничката Смилеска, во моментите кога таа веќе се наоѓаше на лекување во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
Ваквата постапка на амбасадорот Тимоние, е само еден пример за вредностите и (не)пишаните правила на однесување на политичарите од земјите со демократска традиција, кои во пресрет на почетокот на преговорите со Европската Унија, нашите политичари ќе мора час поскоро да ги прифатат.
Инаку, како што истакнува пратеничката Смилеска која вчера ја напушти Инфективната клиника, поддршка и пораки за што побрзо заздравување добила од централното и општинското раководство на нејзината матична партија, од колеги од собраниските клупи, како од власта така и од опозицијата, од градоначалникот на општина Прилеп, членови на Советот на општина Прилеп и сл.