настава

Се укинува задолжителното носење маски за учениците во основните училишта

Учениците во основните училишта да се ослободат од обврската за носење маски, ова денеска го препорача Комисијата за заштита од заразни болести. Сепак обврската за носењето маски останува за наставниците и другите вработени.

Претседателот на Комисијата, д-р Александар Петличковски рече дека и покрај препораката, ако некое од децата сака, може да продолжи да носи маска.

„Право на избор е. Ако некој сака да носи маска, има дома возрасни членови во семејството и сака да ги заштити не е забрането да носи маска, туку задолжението односно обврската ја укинуваме. Нема обврска за задолжително носење маски во училиштето“, изјави д-р Петличковски.

Портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ рече дека засега начинот на изолација останува ист, а мерките ќе се олабавуваат или заоструваат во зависност од епидемиолошката состојба.

„На ваков начин, постепено олабавувајќи ги мерките согласно епидемиолошкиот ризик, доколку успееме да ја контролираме на терен епидемиолошката состојба, сметаме дека можеме не се доведеме во ситуација како што се доведоа земјите како што се Австрија, Германија, Велика Британија и Данска каде што имаше нагло зголемување на бројот на новозаразени, на хоспитализации и на починати“, истакна д-р Мехмедовиќ.

Донесена е и препорака за зголемување на капацитетот на исполнетост во затворените објекти како опери, театри, кина од 50 на 70 проценти. Се препорачува и повеќе да не се бараат сертификати во отворените делови од угостителските објекти.

Од комисијата велат дека во моментов земјава се наоѓа во зелена зона, но доколку дојде до повторно влошување на епидемиолошата состојба, може да се вратат на сила истите мерки и препораки.

Прочитајте повеќе

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Добра волја за пошироко толкување на Преспанскиот договор нема ниту партијата која ќе го предводи …