Административци не сакаат да спроведуваат избори, сакаат да празнуваат

Административци не сакаат да спроведуваат избори, сакаат да празнуваат

Реална потреба или празниците и распустот ги натераа административците да се повлекуваат од членството во Општинските изборни комисии. Од Државната изборна комисија тврдат дека е жива материја и испразнетите места се потполнети, но за поранешни членови на ДИК е зачудувачки ваков однос кон изборите

Членови од Општинските изборни комисии (ОИК) пред изборите масовно се откажуваат од ангажманот во кој требаше да ги реализираат претстојните Претседателски и Парламентарни избори 2024 година. Според одлуките на Државната Изборна Комисија (ДИК) објавени во Службен весник, до 1 април 2024 година се разрешени вкупно 192 членови, а ново назначени се 186, од кои најголемиот број во последниве два месеца.

Тоа значи дека предизборно речиси една четвртина од членовите на општинските комисии во целата земја се нови.

Според податоците на ДИК вкупно 800 административци треба да бидат ангажирани во целиот избирачки процес како членови на Општински изборни комисии.

Тие се составени од вкупно десет членови и нивни заменици кои се бираат по случаен избор од околу 130 илјади вработени во администрацијата.

Општинската изборна комисија е составена од претседател и четири члена и нивни заменици. За претседателските избори 2024 во составите на општинските изборни комисии ќе има 80 претседатели, 80 заменици претседатели, 320 членови и 320 заменици членови на ОИК, велат од државната комисија. Но четвртина од нив веќе се откажале.

ДИК во одговор на прашања од Радио Слободна Европа испрати статистика која се однесува само од денот на распишување на изборите.

„Во тој период ДИК одлучувала по вкупно 121 поднесени барања за изземање, од кои 108 се разрешени од должноста преседател, членови и нивни заменици на ОИК, а 13 барања за изземање не се прифатени поради неисполнување на услови согласно Изборен законик“, велат од ДИК.

Масовното напуштање на комисиите е зачудувачко за поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски. Смета дека од една страна е невозможно толку многу административци да имаат оправдани причини поради кои не би учествувале во општинските комисии. За него е чудно и што се случува непосредно пред првиот круг од Претседателските избори закажани за 24 април.

„Ова е преголема бројка, ние никогаш не сме имале толкави промени на членови на ОИК како ова што се случува сега. Мора да се преиспитаат причините бидејќи е прифатливо доколку некому му престанал работниот однос како државен службеник, но доколку се работи за здравствена состојба тогаш треба да се преиспитаат нивните боледувања. Ова е огромен процент што секако дека ќе влијае на спроведувањето на изборниот процес“, вели Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК.

Според Изборниот законик и правилниците на ДИК членовите на општинските изборни комисии се избираат од редовите на администрацијата, треба да се со високо образование и по случаен избор на софтвер кој го користи комисијата. Мандатот им е пет години, а последниот избор беше во јуни 2021 година. Изземањето може да биде само поради здравствени или семејни причини и мора да се приложи доказ до ДИК за тоа.

„Најчести причини поради која се бара изземање од ОИК се здравствени и семејни причини и престанок на работен однос во државна или општинска администрација. ДИК изврши случаен избор и назначи нови претседател, членови и нивни заменици на ОИК на местата кои беа испразнети. Составите на ОИК се формално пополнети и нема испразнето место. Општинските изборни комисии веќе ги поминаа обуките кои ги спроведува Државната изборна комисија согласно Програмата за задолжителна едукација на изборните органи“, велат од ДИК.

Новаковски пак не сака да верува дека постојат други причини, надвор од законски утврдените за тоа зошто токму сега има толкав наплив на барања за изземање од ОИК.

Сепак ако се погледне за кои денови се закажани изборите 24 април и 8 мај, особено вториот круг на Претседателските избори и Парламентарните избори кои треба да се спроведат веднаш по празнични денови како што се 1 мај и Велигденскиот викенд кој трае 4 неработни денови. Дополнително, годинава и изборните денови не се во недела туку во среда и исто така ќе бидат прогласени за неработни.

Од друга страна и пролетниот распуст за учениците е во истиот период, па тие не одат на училиште од 29 април до 9 ти мај.

Најинтензивно, пак, членовите на комисиите се ангажирани токму во деновите пред изборниот ден и на самиот ден кога ги прифаќаат избирачките материјали, комуницираат со избирачките одбори по избирачки места, се делат реквизитите, и на крај по завршување на гласањето се собираат пребројаните гласови од сите избирачки места. Во меѓувреме транспарентноста за се што се случува во регионот кој го опфаќаат е исто така многу важна, а водечка улога во неа има Претседателот на Општинската изборна комисија и неговиот заменик.

Не се знае колку пари ќе земаат

Износот кој ќе биде определен за надомест за претседателот, членовите и нивните заменици во ОИК се определува со правилник врз основа на бројот на избирачи, видот, сложеноста, како и обемот на работите и времетраењето за нивното извршување. Од ДИК за РСЕ потврдуваат дека се уште не е донесен овој правилник и се очекува во текот на следната недела.
На седницата на ДИК која се одржа на 8 април 2024 (понеделник) исто така имаше пристигнато барања од членови на општински изборни комисии кои не сакаат повеќе да членуваат од за нив оправдани причини. Двајца членови на ДИК, Бобан Стојановски и Борис Кондарко забележаа дека се почесто има откажувања од ОИК.

„Тоа не претставува основа за нивна неактивност, туку може да ги ангажираат замениците членови. Треба целосно да се вклучат во процесот за спроведување на избори бидејќи и неактивноста повлекува законска одговорност“, предупреди Бобан Стојановски од ДИК.

Борис Кондарко потенцираше дека сите членови се од државна администрација и се ослободени од секојдневните работни обврски на работните места.

„Не само што се ослободени од работни обврски и си ја земат редовно платата, туку и ќе добијат надоместоци од ДИК. Овој процес не смее да трпи заради индивидуални случаи, наведе Кондарко.

Државната изборна комисија со дописи веќе ги предупредила дека „овој процес е задолжителен и неговата крајна цел е максимална професионализација на изборните органи“.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Со просек над 3,00 учениците во дуални паралелки ќе добиваат месечна стипендија од 3.500 денари

Со просек над 3,00 учениците во дуални паралелки ќе добиваат месечна стипендија од 3.500 денари

Уписите во средно образование, согласно конкурсот што го објави Министерството за образование и наука (МОН) …