Аеродром - прва општина со европско знаменце

Аеродром – прва општина со европско знаменце

Општина Аеродром изготви четиригодишна стратегиска платформа за локален економски развој 2021-2025 под мотото „Аеродром – прва општина со европско знаменце“. Со ова Општината се надоврзува на стратегиската рамка на Владата „Акција 21 – за европски стандарди дома“  и со сите регионални движења во рамки на Европската Унија.

„Стратегиската платформа што ја донесовме за следните 4 години ќе биде наш патоказ за носење на европските стандарди и вредности дома. Продолжуваме да инвестираме за чиста животна средина, поквалитетно урбано живеење и развој на руралните делови од Општина Аеродром. Ова ќе го направиме заедно со нашите домашни и меѓународни партнери, заедно со Делегацијата на ЕУ, чиј претставник е тука со нас денеска. Ќе ја зајакнеме соработката со невладиниот сектор, со интернационални асоцијации и здруженија, со институциите и граѓаните. Ќе ја искористиме целата поддршка што ни е достапна за овозможување подобар квалитет на живеење во нашата општина. Подобар квалитет на живот за сите наши жители“, рече Златко Марин, градоначалник на Општина Аеродром на официјалната промоција на Платформата.

Раководителот на секторот за економски прашања, зајакнување на институциите и прекугранична соработка на Делегацијата на ЕУ во РСМ, Freek Janmaat, ја поздрави платформата на Општина Аеродром и во име на Делегацијата изрази подготвеност за, како што рече, стимулирање на процесот на децентрализација на локалната самоуправа, која се смета за една од најважните вредности во Европската Унија.

Стратегијата предвидува соработка со домашни и меѓународни партнери за реализација на заедничките цели, како и учество во меѓународни програми за поддршка на локални самоуправи. Предвидено е воведување нова европска, системски базирана методологија за одржување хигиена, управување и селекција на отпад со непосредна и интерактивна соработка со жителите на општината. Ќе продолжат инвестициите во поквалитетно образование – ќе се обезбедат смарт табли и лифтови за пристап на лица со попреченост за секое училиште, во соработка со Скопскиот плански развоен регион и Светската банка.

Модернизацијата е посебна програмска цел на ЕУ иницијативата „European Sustainable Cities“, која Општина Аеродром ќе ја реализира со поддршка од Transformative Actions Program (TAP). Општината ќе партиципира во EU Urban Mobility програмата за да ги зајакне своите локални капацитети и да обезбеди пристап до климатски финансии. Меѓу многуте проекти за реализација во платформата, Општината ќе изработи семејна апликативна картичка „Family Aerodrom“ која ќе обезбедува низа поволности, можности и вклучување на жителите во општински проекти. Општината, во соработка со локални здруженија на граѓани, ќе креира и мрежа (HUB) сервис на услуги за сите жители.

Општина Аеродром ќе ги модернизира и своите рурални подрачја во Горно и Долно Лисиче, каде планира да направи зона за рурален развој. Во делот на подобрување на квалитетниот начин на живот и развој на локалните можности за туризам ќе се изгради прв национален професионален голф терен во земјава. Во наредните денови почнува интензивна меѓуопштинска соработка и партнерство со општини што го поддржуваат спортот, а воедно напролет ќе се реализира и спортско ТВ шоу „Тројка за МЗТ“.

На денешниот настан се презентираше и првиот проект од стратегијата што го носи името „Clean AirDrom“ што претставува иновативен систем за управување со отпад според љубљанскиот модел со активно учество на граѓаните и на бизнис заедницата.

И покрај актуелната ситуација со пандемијата, на настанот присуствуваа високи претставници на Владата, меѓу кои вицепремиерот Љупчо Николовски, директорот на Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош, Адем Цури, како и дел од дипломатскиот кор.

Прочитајте повеќе

Пендаровски и Џафери со честитки

Пендаровски и Џафери со честитки по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот

Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, …