Аферата „Тајни имоти“ засега без имиња на високи позиции

Аферата „Тајни имоти“ засега без имиња на високи позиции

Со конкретни имиња излезе ВМРО-ДПМНЕ за таканаречената афера „Тајни имоти“ откако истече рокот од 24 часа за пријавување на „скриен“ имот. СДСМ и Ковачевски потсетија дека ДКСК е надлежна за проверка на имотот. Казните за неподнесување на анкетен лист се од 300 до 400 евра.

Алберт Муслиу, Ивица Јевтиќ, Валентин Груевски и Новица Печински се првите имиња од аферата „Тајни имоти“ кои денеска ги објави ВМРО-ДПМНЕ. Аферата, според опозициската партија, брои 123 лица, меѓу кои има државни функционери, претседатели на комисии, директори и раководни луѓе на институции. Оттаму тврдат дека поголемиот дел се функционери од СДСМ и ДУИ, кои не пријавиле имот со вкупна вредност од 30 милиони евра.

„Се работи за луѓе кои имаат директни релации со врвот на власта. Ова се луѓе кои Ковачевски на седница на Влада им ја дава довербата и ги именува на државни позиции“, рече на денешната прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.

Муслиу кој редовно ги брани ставовите на СДСМ, како што посочи Петрушевски, во декември 2017 година бил именуван од Владата во Управниот одбор во Фондот за холокаустот на Евереите. Муслиу 5 години нема поднесено анкетен лист, а како што кажа Петрушевски, тој на негово име има куќа во Скопје од 118 метри квадратни и стан во Центар од 81 метар квадратен, а при тоа е основач на Здружението Институт за мир и безбедност и истражување на политики Коница, како и на фирмата за трговија Макро мед.

Имот, според ВМРО-ДПМНЕ, крие и адвокатот Ивица Јевтиќ кој е член на надзорниот одбор на СДСМ и е член на Управниот одбор на Прифатниот центар на баратели на азил. Тој, според Петрушевски, има стан во Скопје, основач е на адвокатско друштво Тошиќ и Јевтиќ, а основач е и на градежната компанија Фис Констракшн.

Од претходниот анкетен лист на директорот на Македонски Шуми, Валентин Груевски, како што објави опозициската партија, може да се види дека поседува куќа во Битола и автомобил, а неговиот брачен другар куќа во Ресен. Дали има промени, праша Петрушевски и зошто не го пријавил иако веќе бил функционер и знае дека тоа му е обврска.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Новица Печински, кој е член на Управен одбор Здравствен Дом Берово, вработен во Општина Берово е и претседател на спортски клуб има куќа во Берово и автомобил, кои се на негово име.

За ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Петрушевски, е очекувано Државната комисија за спречување на корупција- ДКСК да ја брани злоупотребата на законот од СДСМ.

„ДКСК работи по диктат на СДСМ“, рече тој и ја повика институцијата да почне да си ја врши работата, а Јевтиќ и Груевски да поднесат оставки на позициите кои ги држат и да платат казна.

СДСМ и Ковачевски ја префрлаат топката кај Антикорупциска

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави нема сознанија за аферата и ги повика сите што имаат индикации да го достават до ДКСК.

„Секој функционер е должен се она што има стекнато во текот на својот живот да го пријави во својот анкетен лист исто како што сум направил јас“, рече премиерот Ковачевски.

Претходно и од СДСМ излегоа со реакција и како и Ковачевски го повикаа ВМРО-ДПМНЕ доколку има информации за непријавен имот да ги достави до ДКСК.

Ипретседателката на ДКСК, Билјана Ивановска ја повика ВМРО-ДПМНЕ да поднесе пријави за нивните сознанија, иако како што додаде постапуваат и по допрен глас. Она што може ДКСК да го направи, како што посочи таа, е да изрече глоба доколку функционери имаат имот регистриран во Катастар, а не го пријавиле во анкетниот лист.

„Ако имотот не е регистриран во Катастар, тука е проблемот на кој ние постојано укажуваме дека има висок ризик од корупција и три години бараме да се донесе Законот за потекло на имот. Кога секој граѓанин ќе си каже од каде е имот, полесно ќе биде да се утврди состојбата“, изјави таа за 360степени.

Од голема помош за Антикорупциска, според Ивановска, ќе биде и ставањето во функција на софтверот кој ќе значи поврзување на сите институции.

И поранешниот антикорупционер и адвокат Драган Малиновски вели дека на ДКСК и е потребен пристап до бази на податоци за да се проверуваат анкетните листови.

„Повеќе сега се оди на евидентирање, отколку ефикасна проверка на анкетните листови“, вели Малиновски.

Законот за потекло на имот се подготвува година дена

Минатата година во септември, тогашниот вицепремиер задолжен за борба против корупцијата Љупчо Николовски изјави дека драфт верзијата на Законот за потекло на имот е готова и дека ќе биде испратена во Венецијанската комисија. Содржината на драфт верзијата не беше јавно споделена. Николовски најави дека во драфт законот е предвидено не само функционерите, туку сите граѓани кои нема да можат да го докажат потеклото на имот во вредност над 30 илјади евра кој бил стекнат претходната година, ќе биде конфискуван.

Но, по една година од најавата, министерот за правда Никола Тупанчевски денеска изјави дека се работи на Законот за потекло на имот и дека очекува првата драфт верзија наскоро да биде готова. Одложувањето, според него, не е до министерството, туку се чека на работната група.

„Очекувам во најскоро време ние како Министерство за правда да бидеме не само запознаени, туку и да го дадеме својот придонес во официјална смисла на зборот дека тој закон што поскоро ќе биде донесен.

Но, како што додаде и сега постојат механизми и инструменти за откривање и докажување на состојбата на незаконски стекнат имот.

Казните симболични

При крајот на минатата година ДКСК соопшти дека со парични казни од 300 и 400 евра биле казнети неколку функционери и именувани лица, поради тоа што не поднеле или задоцниле со поднесување Анкетен лист.

Казните за Малиновски повеќе се симболични и „не се никаква брана за да некој се обиде да прикрие нешто“. Најавениот закон, како што додава, не очекува да донесе промени.

„Ние имаме и сега алатки и онаму каде што ќе се открие и утврди, па не се водат кривични постапки, конфискации и сите инструменти кои што ни постојат на располагање. Затоа секогаш бараме изговори во насока дека немаме некоја регулатива и затоа не сме ефикасни. Не е поради тоа“, посочува Малиновски.

На седницата на 14 октомври годинава, Антикорупциска донесе одлука да се запрат и да се затвораат повеќе предмети против неколку актуелни и поранешни функционери кои по стапување на функции не доставиле навреме анкетен лист, бидејќи ги платиле прекршочните налози кои им биле изречени. Меѓу функционерите кои не поднеле анкетен лист беа министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, претседателката на Судскиот Совет Павлина Црвенковска, в.д. директор на Албанскиот Театар- Скопје, Адем Карага и други функционери.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, испрати порака со оддавање почит и слава …