Академија за судии и јавни обвинители: Не постои законска пречка да се реализира започнатата постапка за вработување на определено време на 37 слушатели на почетна обука

Академија за судии и јавни обвинители: Не постои законска пречка да се реализира започнатата постапка за вработување на определено време на 37 слушатели на почетна обука

Соопштение од Академијата за судии и јавни обвинители во врска со поднесена пријава против Академијата до ДКСК за прекршување на Изборниот законик

Почитувани,

Академијата за судии и јавни обвинители е приморана да реагира во врска со шпекулациите кои се појавуваат во јавноста со цел непотребно да се исполитизира и дискредитира процесот за прием на IX генерација слушатели на почетна обука во Академијата.

Академијата е институција основана во 2006 година, која има големо искуство во реалзизацијата на постапки за прием на слушатели во почетна обука, меѓу кои и приемна постапка во период кога државата била во изборен процес.

Академијата водејќи се од принципите на владеење на правото како темелна вредност на Уставниот поредок на РСМ, своето работење го заснова исклучиво на Уставот и законите во државата со помош на што создаде углед на институција чии резултати во работата се признаени меѓудругите и од страна на Европската унија истакнувајќи ја Академијата како светла точка во правосудството во РСМ.

Во минатото, при постоење дилема околу усогласеноста на одредено дејствие со Изборниот законик, Академијата се обраќаше до Државната комисија за спречување на корупција со барање нивно Мислење. Меѓутоа, имајќи предвид дека согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси од 2019 година (Службен весник на РМ број 12/2019 година), ДКСК повеќе не дава мислења по доставени барања поврзани со начинот на постапување во изборен период, Академијата постапува по претходно утврдената пракса од страна на ДКСК.

Имено, во 2017 година во постапката за прием на VI генерација на почетна обука, Академијата се наоѓаше во слична ситуација (јавниот оглас за прием на VI генерација траеше околу две години поради комплексноста на испитот кој се спроведува во повеќе фази и завршувањето на управно судската постапка). Академијата тогашниот оглас го објави во 2015 година, додека слушателите склучија договори за вработување на 01.03.2017 година. Со оглед дека во тој период државата се наоѓаше во изборен процес, Академијата се обрати до ДКСК со барање мислење дали постои законска пречка за реализирање на вработувањата на определено време (за времетраењето на почетната обука и се до изборот на канидатот за судија односно јавен обвинител).

ДКСК до Академијата достави мислење број 12-1637/2 од 24.02.2017 година, во кое се вели дека: ,,…. не постои законска пречка да се реализира започнатата постапка за вработување на определено време на 37 слушатели на почетна обука во АСЈО…. доколку за овие вработувања била обезбедена финансиска согласност за 2017 година и се работи за вработувања во случај на итни и неодложни работи.’’

За потврда на законитоста на постапката, Државниот инспекторат на трудот постапувајќи по Заклучок на Владата, спроведе вонреден инспекциски надзор во однос на овие вработувања, при што направи увид во целокупната документација од самото објавување на огласот па се до пријавувањето на слушатели, по што констатираше дека по целокупниот увид во потребната документација се утврди дека за сите превземени дејствија за реализирање на овие вработувања постојат мислења од ДКСК (број 12-467/2 од 23.01.2017 година и број 12-1637/2 од 24.02.2017 година) и согласности од Министерство за финансии како и обнова на истите поради долгото траење на постапката, па така Државниот инспекторат на трудот не утврди повреда во пријавувањето на 37 кандидати во Агенцијата за вработување на РСМ.

Во конкретниот случај се работи за слична ситуација како во 2017 година, со таа разлика што сега, дури и при најстрого придржување до утврдената Временска динамика, не постои апсолутно никаква можност да се дојде до фазата на засновање на работен однос со слушателите во изборниот период. Во продолжение наведуваме кратка ретроспектива на одвивањето на фазите на тековниот приемниот испит за IX генерација слушатели во почетна обука:

  • јавниот оглас за прием на 130 слушатели објавен во jануари 2023 година;
    полагање на тестот за познавање на еден од трите најчесто користени јазици во ЕУ (англиски, француски или германски) во мај 2023 година;
  • застој во постапката поради донесувањето на нов Закон за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на РСМ” бр. 129/2023) кој предвидуваше промена во редоследот и начинот на полагање на деловите од Приемниот испит.
  • по спроведување на психолошкиот тест и тестот за интегритет во октомври и ноември 2023 година, Академијата се соочи со нов застој за полагањето на квалификацискиот тест – договорот за групна јавна набавка на услуги за одржување на софтвер за полагање на испити во државни интитуции беше со истечена важност, па Академијата немаше можност да го спроведе испитот по електронски пат, по што беа иницирани законски измени во насока на овозможување хартиено полагање на квалификацискиот тест;
  • во март 2024 година се донесени Измени на Законот за Академија за судии и јавни обвинители (Службен весник на РСМ број 53/24), а по нивно стапување во сила, донесена Статутарна одлука за дополнување на Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители ,,Павел Шатев“ (Службен весник на РСМ број 62/24) и Правилник за дополнување на Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата;
  • во март 2024 година приемната Комисија утврди нова Временска динамика за спроведување на понатамошниот дел од Приемниот испит, според која квалификацискиот тест е предвидено да се полага во периодот од 1 до 4 април 2024 година.

Суштинско во сето горенаведено е да се има во предвид дека во конкретниот случај не станува збор за засновање на работен однос, туку спроведување на фази од приемниот испит во рамките на почетната обука.

Институциите кои во рамки на вршењето на својата дејност спроведуваат испити како што се нотарскиот испит, правосудниот испит, испитот за извршители, испитите на факултетите и други, во изборниот период продолжуваат со своите редовни активности.

Од објавената Временска динамика која беше повод за доставената пријава до ДКСК, може да се увидат понатамошните активности на Академијата за спроведување на понатамошниот дел од приемниот испит, а во известувањето од Приемната комисија на Академијата, објавено на веб страната на Академијата на ден 18.3.2024 година е јасно наведено дека рок во кој најрано може да се очекува кандидатите да склучат договор за вработување со Академијата е месец септември. Дополнително, самото засновање на работен однос на определено време со Академијата не гарантира добивање на функцијата судија/јавен обвинител.

Имено, Со стекнување на статусот на слушател на почетната обука во Академијата, слушателот заснова работен однос на определено време со Академијата за периодот на спроведување на почетната обука до избор за судија или јавен обвинител. Слушателите, по приемот во почетна обука, допрва започнуваат со полагање испити во рамки на теоретска настава, а доколку успешно ја положат, следат практична настава, која исто така се оценува. На крајот, слушателите кои успешно ја поминале теоретската и практичната настава полагаат завршен испит. Фактот дека приемот во почетна обука не гарантира функција се докажува со досегашното искуство на Академијата дека не сите кандидати примени во почетна обука успешно ја завршуваат истата, дотолку повеќе што Законот за АСЈО предвидува обврска за поврат на сите трошоци кои Академијата ги имала за едукација на кандидатот кој нема успешно да ја заврши теоретската настава, практичната настава или нема да го положи завршниот испит.

Воедно, истакнуваме дека незадоволните кандидати од текот и исходот на Приемниот испит имаат можност за покренување спор пред Управниот суд, на кој што начин се обезбедува дополнителна гаранција дека спроведувањето на Приемниот испит се одвива согласно законските норми.

Согласно сите горенаведени факти, Академијата очекува ДКСК да остане доследна на сопствените укажувања, задржувајќи ја воспоставената пракса и воедно во оваа прилика да укаже на сите кандидати кои имаат право да го полагаат квалификацискиот тест, да не дозволат овие случувања да им го оттргнат фокусот од подготовката за полагањето на тестот.

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …