Александар Вучиќ победи во прв круг, понеизвесно е во трката за градоначалник на Белград

Актуелниот претседател Александар Вучиќ успеа да освои нов претседателски мандат во првиот круг од изборите што вчера се одржаа во Србија. Според податоците од Републичката изборна комисија објавени утрово врз основа на 93,2 отсто преброени гласови, тој освоил 58,8 отсто од гласовите на претседателските избори, додека кандидатот на обединетата српска опозиција Здравко Понош освоил 18,1 отсто од гласовите, јавува телевизијата Н1.

На изборите гласале 58,6 отсто од запишаните избирачи во избирачкиот список. Покрај победата на Вучиќ на претседателските избори, резултатите од парламентарните избори покажуваат дека неговата Српска напредна партија (СНС) освоила и најголем број на мандати во српскиот парламент.

Изборните резултати по преброени 87,76 отсто од гласовите на парламентарните избори велат дека СНС освоила 43,45 отсто од гласовите и ќе има 122 пратеници во парламентот. Опозициската коалиција „Обединети за победа на Србија“ добила 13,07 отсто од гласовите, односно 36 мандати. Социјалистичката партија на Србија со 11,68 отсто ќе има 32 мандати, додека коалицијата „Надеж“ 5,27 отсто од гласовите или 14 мандати.

Цензусот за влез во парламентот го помина и опозициската коалиција „Мораме“ со 4,34 освоени гласови и 12 мандати, Патриотскиот блок со 3,85 отсто од гласовите и 10 мандати, како и Заветници со 3,76 отсто од гласовите и 10 мандати. Од партиите на малцинствата, во српскиот парламент влегоа Сојузот на Унгарците од Војводина со 6 мандати, Муфтијин аманет со 3 мандати, Заедно за Војводина и санџачката СДА со по 2 мандати и Коалицијата на Албанците со 1 мандат.

Најголема неизвесност на вчерашните избори во Србија има на локално ниво, и тоа за изборот на нов градоначалник на Белград. Белградскиот весник Данас ги пренесува резултатите врз основа на 79 отсто од преброените гласови, кои покажуваат дека партијата на Вучиќ СНС освоила 38,4 отсто од гласовите и 48 мандати во белграскиот совет.

Втора е обединетата опозициска коалиција „Владета Јанковиќ – Обединети за победа во Белград“ со 20,9 отсто освоени гласови и 26 мандати, како и опозициската граѓанска коалиција „Мораме“ со 10,6 отсто од гласовите и 13 мандати. На четврто место е Социјалистичката партија на Србија на Ивица Дачиќ со 6,9 отсто од гласовите и 8 мандати.

Во белградскиот совет влегоа и десничарските опозициски коалиции „Надеж“, Заветници и Двери-ПОКС, така што веќе е извесно дека на изборите во Белград ќе се чека пребројувањето до последниот глас за да се утврди дали владејачките СНС и СПС ќе имаат мнозинство во советот или пак опозициските партии ќе можат да го изберат новиот белградски градоначалник.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Земјотрес со јачина од 5,4 степени во Црна Гора, почувствуван и во Македонија и регионот

Од црногорскиот завод подоцна информираа дека по главниот земјотрес, следувале уште 30 помали Земјотрес со …