Американскиот Сенат предложи резолуција за поддршка на влезот на Северна Македонија во ЕУ

Американскиот Сенат предложи резолуција за поддршка на влезот на Северна Македонија во ЕУ

Соединетите Држави го поддржаа пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ) во најнова резолуција во Сенатот, спонзорирана од демократскиот сенатор од Вермонт Питер Велч, демократската сенаторка од Њу Хемпшир Џин Шахин и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина Пит Рикетс и Том Тилис.

Во резолуцијата, како што пренесува Гласот на Америка на македонски јазик, Сенатот ги повика претседателот и државниот секретар на САД, како и европските сојузници, да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со Северна Македонија, без дополнителни билатерални услови.

„Претседателот и државниот секретар да продолжат тесно да соработуваат со Владата на Северна Македонија, да го поддржат проширувањето на Европската Унија со Западниот Балкан, вклучително и Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европска Унија“, се вели во резолуцијата.

Во резолцијата се нагласува и поддршката на Сенатот за македонската влада да ги преземе реформите неопходни за унапредување на членството во ЕУ.

Сенатот ја „охрабрува Владата на Северна Македонија да продолжи со својата важна работа за членство во Европската Унијата, како и напорите за продолжување на мирот, стабилноста и просперитет во Источна Европа“.

Северна Македонија е првата држава од Западен Балкан што потпиша Договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ и стана официјална кандидатка за ЕУ во 2005 година, како и прва држава од Западен Балкан што почна стратешки дијалог со САД во јуни 2022 година, како дел од Декларацијата за стратешко партнерство и соработка од 2008 година.

„Северна Македонија останува важен безбедносен партнер на Европска Унија и САД и НАТО сојузник, обезбедувајќи ја Украина со хуманитарна помош и значителна воена опрема, гласајќи во корист на Советот за безбедност на Обединетите нации и резолуциите на Генералното собрание против руската агресија, усвојувјќи ги сите руски санкции од Европската Унија“, пишува меѓудругото во резолуцијата.

Во октомври минатата година, сенаторите Велч и Шахин ги посетија Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, истакнувајќи ја поддршката на САД за европската интеграција на Западен Балкан и безбедноста во регионот, во услови на руска агресија против Украина.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Кратење на 130 институции и отпуштања во администрацијата?

Кратење на 130 институции и отпуштања во администрацијата?

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да укине над 130 државни институции за да го исполни …