Предлог за уставен судија претходно беше Љубомир Jовески. Вчера СДСМ ја повлече неговата кандидатура, потег кој Јовески го нарече „вулгарен“
Професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Ана Павловска-Данева е новиот предлог на СДСМ за уставен судија, откако вчера на собраниската Комисија за избори и именувања беше повлечен предлогот поранешниот јавен обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија. Предлогот за избор на Павловска Данева за уставен судија е на дневен ред на денешната седница на Комисијата во 12.30 часот.
Павловска Данева е и поранешна пратеничка на СДСМ.
Како што стои во нејзината биографија, таа студиите ги започнала на Правниот факултет при Московскиот Државен Универзитет „М.В. Ломоносов“ во Москва, а во 1993 година дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирала во 1998 година на тема „Омбудсман – заштитник на правата и слободите на граѓаните“. Истата година била избрана за помлад асистент на научната област Управно право на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а веќе следната 1999 година била избрана за асистент. Во 2004 година, се стекнала со научен степен доктор на правни науки, со одбрана на докторската дисертација на тема „Управни договори“ и е избрана за доцент на научната област управно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, по што напредува во звањата и станува вонреден професор (2009 година) и редовен професор (2013 година). Таа е и постојан предавач во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
Предлог за уставен судија претходно беше Љубомир Jовески. Вчера СДСМ ја повлече неговата кандидатура, објави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.
„Љубомир Јовески повеќе не е им е потребен бидејќи задачата за која беше поставен си ја исполни, а со тоа криминалите на СДСМ и ДУИ 6 години беа заштитени. Неговиот мандат беше проследен со многу скандали, безброј неповедени обвиненија, скриени предмети, смешни и бизарни пресуди, ослободување криминалци и уште многу партиски нарачани одлуки и пресуди. СДСМ веќе нема никаква корист од Љубомир Јовески и исто како и со Катица Јанева и Вилма Русковска се одрекуваа од овој човек за повторно да си ги заштитат партиските интереси“, рече вчера Стојаноска на прес-конференција.
Јовески во изјава за МИА рече дека е изненаден дека предлогот беше повлечен без да се наведат основни причини за тоа.
„Изненадувачки, вулгарно беше тоа дека предлогот е повлечен без да се наведат основни причини за тоа. Пристојно е да се дадат два три збора. Нанесена ми е штета, ако не сметале дека може процесот до крај да го водат, не требало да ме предлагаат, бидејќи бев изложен на непотребни напади“, изјави Јовески.
Извор: МЕТА