Коментирајќи ги критиките на опозицијата за процесот во кој е инволвиран „Бехтел“ за изградба на коридорите 8 и 10-д, амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, рече дека работата на компанијата е целосно транспарентна и законска, бидејќи тоа е начинот на кој функционира „Бехтел“.
„Сметам дека е многу разочарувачки тоа што тие во опозицијата без сите факти критизираат нешто за што немаат информација. Тоа го прават едноставно само за да бидат против Владата. Да, тоа е работа на опозицијата, но истовремено сум целосно уверена дека процесот во кој е инволвиран ‘Бехтел’ е целосно транспарентен и законски бидејќи тие работат на тој начин, инаку не би имале проекти насекаде во светот и одреден број тука во регионот на Западен Балкан ако не беа доверлива компанија. Граѓаните на оваа земја ќе бидат мошне среќни да ги имаат коридорите 8 и 10-д кога ќе бидат комплетирани. Разговорите продолжуваат, но мислам дека е жално што има такви кои ќе застанат на патот едноставно да заработат политички поени“, изјави во интервјуто за државната агенција МИА американската амбасадорка Анџела Агелер.