Вакцинирање Вистиномер

Антивакциналните дезинформации ги воскреснуваат заборавените болести

Дезинформациските наративи продолжуваат да си поигруваат со здравјето на граѓаните, се измислува дека вакцините предизвикуваат „турбокарцином“, дури и кај луѓе кои воопшто не се вакцинирани. Вистиномер забележува тенденција да се сатанизираат вакцинираните

Антивакциналните дезинформации ја поткопаа имунизацијата и направија огромна штета на јавното здравје. Загрижувачки се податоците околу вакцинацијата на децата, препорачаниот опфат од над 95 отсто не е постигнат за ниту една вакцина во земјата. Дезинформациските наративи продолжуваат да си поигруваат со здравјето на граѓаните, се измислува дека вакцините предизвикуваат „турбокарцином“, дури и кај луѓе кои воопшто не се вакцинирани. Вистиномер забележува тенденција да се сатанизираат вакцинираните, сè со цел да се исплашат невакцинираните и да се обесхрабрат во намерата да го заштитат своето здравје преку имунизација, пишува Вистиномер.мк.

Текстот го пренесуваме во целост:

Есенскиот период секоја година е симбол за зголемен број на горнореспираторни инфекции. Настинките, грипот и ковид ги полнат амбулантите на матичните лекари. Министерството за здравство почна да ги повикува ризичните групи граѓани да се вакцинираат против сезонски грип и набави задоволителен број дози  – 60 илјади, кои се наменети за ризичните групи граѓани: за лицата над 65 години, граѓаните со хронични заболувања, здравствените работници, бремените жени, како и за децата на возраст од 6 месеци до 5 години.

Во текот на 2022 година не е регистриран ниеден смртен случај во Република Северна Македонија поврзан со вакцинација, ниту пак, некоја посериозна животно загрозувачка состојба поврзана со апликација на вакцина, известија од Институтот за јавно здравје.

Сите пријави за несакани ефекти во врска со вакцините од регуларниот вакцинален календар, биле во врска со несакани ефекти кои производителите на вакцини ги предвиделе, станува збор за исклучително мал број на случаи и сите завршиле со добар исход.

Во 2022 година, според информации кои Вистиномер ги доби од Институтот за јавно здравје, имало 17 пријави за поствакцинална компликација за вакцините БСГ, ХЕП, рота вирусна вакцина и МРП. Кај седум случаи, за кои е пристигната информација за исходот, исходот од лекувањето е со оздравување и без последици од несаканите реакции.

Антивакциналните дезинформации ги воскреснуваат заборавените болести

Од Здравствен дом Скопје, за Вистиномер изјавија дека на вакциналниот пункт во поликлиниката Бит Пазар имаат достапни ковид вакцини и покрај нискиот интерес кој граѓаните во овој период го покажуваат за вакцинација против ковид. Додека интересот за вакцинација против ковид во земјава опаѓа дезинформациите на интернет за овие вакцини продолжуваат да се споделуваат со несмален интензитет.

Лаги за болести од ковид вакцина

Фактот што во земјава добар дел од граѓаните не им се потчинија на овие дезинформации и се вакцинираа со една, две или три дози, им даде нова идеја на антивакциналните кругови: почнаа да измислуваат болести од кои наводно почнале да страдаат вакцинираните. Ова беше во фокусот на антивакциналните дезинформации во земјава во последните шест месеци. Предусловите за овие дезинформации беа создадени со тоа што веќе имаше граѓани кои примиле ковид вакцина.

Со цел да се демотивираат другите граѓани да го следат примерот и да се заштитат, се ширеше страв и паника врз основа на нелогичности и неаргументирани тврдења. Такви беа тврдењата дека од ковид вакцината голем број граѓани во светот добиле таканаречен „турбокарцином“. Овој термин во медицината не постои, но во дезинформциските наративи се користеше за да се манифестираат симптоми на карцином кој брзо прогресира.

Во еден од примерите на дезинформации пласирани на оваа тема, се тврдеше дека дури и карциномот којшто се развил кај член од семејството што не е вакциниран против ковид-19, бил како последица на вакцинирањето на останатите од семејството. Со вакви паушални наведувања се правеше обид да се внесе страв и паника кај голем дел од вакцинираните граѓани во земјава. Поигрувањето со чувствата на семејствата во кои има пациенти со карцином, базирано на немедицински манипулации, претставува неетичка и опасна пракса по јавното здравје.

Во светски рамки е познато дека пандемијата со ковид-19 остави најголем дел од онколошките одделенија и клиники без термини за дијагностика, што придонесе наредните години, по завршувањето на пандемијата, да има зголемен број на карциноми. Исто така, податоците на Светската здравствена организација укажуваат дека во наредните децении се очекува бројот на заболени од карцином да порасне.

Големи студии покажаа дека пациентите со карцином имаат висок ризик за компликации од ковид-19, поради што за нив вакцинацијата против ковид-19, беше препорачана.

Вистиномер забележа дека во изминатите шест месеци, таргет во дезинформациите се токму вакцинираните граѓани во земјава. Тие се користат како адут и мета, за да се обесхрабрат невакцинираните да се имунизираат. Како? Со споделување на невистини дека вакцината против ковид која ја примиле вакцинираните им направила штета на нивното здравје.

Базична дезинформација беше дека вакцината против ковид предизвикала СИДА кај тие што ја примиле. За да се протуркаат ваквите невистини, се злоупотребуваа и официјални државни институции преку злонамерно толкување на нивни анализи и статистики. На пример, се споделуваше информацијата дека „канадската влада објавила дека 74 проценти од Канаѓаните вакцинирани со три дози против ковид 19 сега имаат СИДА предизвикана од вакцината“. За да ја протуркаат оваа злонамерна измислица, антивакциналните кругови во земјава измислуваа непостоечки медицински состојби за „оваа СИДА“, којашто ја нарекоа „ВАИДС“. Со целосно погрешно прикажување за тоа како функционираат вакцините и имунолошкиот систем, се ширеше паника дека вакцинираните добиваат СИДА и карцином, а како што може да се види од следниот пример, се одеше и чекор подалеку, па се споделуваа и крајно малициозни нелогичности, дека карцином поради вакцинираните, добиваат и нивни невакцинирани членови од семејството.

Во анализата од 2021 година, кога Вистиномер ги следеше вакциналните дезинформации, евидентно беше дека широкосподелувани се токму оние невистини во кои се тврдеше дека вакцините предизвикуваат секаков вид на болести и смрт. И таму, во низата болести кои лажно и беа атрибуирани на вакцината, се најде карциномот. Министерството за здравство на својата страница за факти и митови околу вакцината посочува дека вакцините против ковид не може да предизвикаат рак.

Дезинформации дека вакцините предизвикуваат спонтан абортус 

Изминатите шест месеци евидентни беа дезинформациите кои ги таргетираат жените и нивните репродуктивни права. Така, Европската агенција за лекови ЕМА беше злоупотребена за невистинито да се тврди дека таа издала предупредување дека ковид вакцините предизвикуваат спонтан абортус. Ова е дијаметрално спротивно од вистината. ЕМА ги охрабрува бремените жени да се вакцинираат против ковид-19 и не кажала дека вакцините предизвикуваат женска неплодност.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД, тврди дека научниците немаат пронајдено зголемен ризик од спонтани абортуси меѓу жените кои примиле мРНК вакцина во раната бременост или пред да забременат. Анализа од август 2021 година од Центарот за контрола и превенција на болести разгледува 2.500 бремени жени кои примиле мРНК вакцина пред дваесеттата недела од бременоста. Истражувачите пронашле стапка на спонтани абортуси од 13 проценти, што е слично на очекуваната стапка на спонтани абортуси кај општата популација.

Интересно е да се забележи дека уште пред да почне вакцинацијата против ковид-19 во Северна Македонија од антивакцинални кругови беа пласирани дезинформации дека вакцините предизвикувале неплодност. Поточно, дури и во моментите кога не постоеа никакви клинички студии на темата, оваа дезинформација им беше сервирана на корисниците на социјалните мрежи. Сега, за разлика оттогаш, има клинички студии кои покажуваат дека вакцините не предизвикуваат неплодност, ниту пак, проблеми со плодот.

Во САД, до мај 2021 година 90 илјади жени беа вакцинирани со вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ и не беа идентификувани никакви здравствени проблеми, наспроти сознанијата, кои се веќе познати, дека бремените жени заразени со ковид-19 имаат голем ризик да завршат на интензивна нега, како и да се породат со нивните бебиња порано, отколку жените што немаат ковид-19.

Центарот за контрола и превенција на болести во САД, за оние што сакаат да забременат во иднина вели дека може да се вакцинираат, бидејќи вакцините не создаваат неплодност. Тие немаат во себе жив вирус и не можат да ги заразат со ковид ни мајката, ни бебето.

И владата на Австралија официјално тврди, дека вакцините против ковид-19 не предизвикуваат стерилитет.

Дезинформации за децата и редовниот вакцинален календар

Две движења постојано „се борат“ едно против друго околу вакцинацијата на децата, односно редовниот имунолошки календар.На една страна се медицинските лица и науката, а наспроти нив  антивакциналните кругови кои злоупотребуваат погрешно презентирани или повлечени и непрегледани студии од медицинската заедница, за да тврдат дека децата кои се невакцинирани се поздрави од вакцинираните деца. Ова може негативно да влијае на трендовите на имунизација во земјава, со оглед на тоа што родителот е тој кој одлучува да го однесе детето на вакцинација. Па доколку родителот потпадне под влијание на невистини и полуинформации, тогаш се става во опасност колективен имунитет во државата и тоа за болести кои се сметаа за искоренети и под контрола, благодарение на вакцините. Во изминатите шест месеци забележлив беше наративот дека децата кои се вакцинирани се разболуваат и добиваат компликации, за разлика од невакцинираните. Ваквите дезинформации доаѓаат во земјава во сензитивен период кога препорачаниот опфат од над 95 отсто не е постигнат за ниту една вакцина, што создава ризик од појава на веќе заборавени болести. Фактите говорат дека  во земјите со висок вакцинален опфат многу болести се држат под контрола.

Дезинформациите за вакцините кај децата и нивната наводна штетност се базирани на несреќна студија, поддржана од антивакцинални организации,  којашто има методолошки слабости, нерепрезентативен примерок, студија која се темели на субјективни согледувања, а не на математички и статистички прецизни методи. При пласирањето на дезинформации за детските вакцини се пласираше и невистината дека вакцинираните деца имаат 4,2 пати поголема шанса да развијат аутизам. Наспроти ваквите тврдења, студии со репрезентативен примерок од 650 илјади деца, не покажуваат асоцираност меѓу вакцина и аутизам.

Професор доктор Александра Грозданова, национален координатор за имунизација, неодамна изјави дека кога во 2019 година во земјава се појави епидемија со морбили, поради недоволниот опфат на вакцинирани деца, а со тоа и поради пад на колективниот имунитет, државата мораше да преземе низа активности и чекори. Меѓу тие чекори беше и вакцинација на 42 илјади деца на возраст до 14 години со МРП вакцина. Кај ниту едно од нив не се појави аутизам.

Во моментот кога ќе се намали опфатот, ризикот за појава на морбили е исклучително висок, рече професор доктор Грозданова.

Благодарение на вакцинацијата, во овој период не се појавени нови епидемии со морбили.

Исклучително е битно на родителите да им се објаснува дека таа вакцина се дава со децении наназад, подвлече таа, нагласувајќи дека вакцината е правилна одлука за да се заштитат децата од болеста.

Американската академија за педијатри комплетираше листа на студии релевантни за вакциналната безбедност која може да се види овде.

Невистини кои ги сатанизираат медицинските лица кои промовираат вакцинација

Не може да се избегне ниту фактот дека уште од почетокот на ковид пандемијата на социјалните мрежи постои табор кој оди против медицината базирана на докази, лекарите, сестрите, припадниците на официјални медицински агенции итн. Изминатите шест месеци за да се одвратат граѓаните од вакцините, се кажуваше и дека тие медицински професионалци што ги промовирале вакцините, ќе биле судени за злосторства против човештвото. Станува збор за чиста измислица. Никој нема да биде суден за злосторства против човештвото, ниту за вакцината против ковид-19, ниту за која било друга вакцина.  Вакцината се прима со согласност што ја потпишува пациентот пред вакцинацијата и во која се наведени евентуалните несакани ефекти кои во најголем дел се благи и поминуваат брзо.

Сатанизирањето на медицинската наука олицетворена во медицинските работници, претставува тактика за заведување на масите дека тие работат на штета на човештвото. Ова создава опасност од збунета и разнишана доверба во здравствените власти, во лекарите и резултира со одбивање на нивните препораки, што може да чини животи.

Важно е да се напомене дека Северна Македонија ги следи препораките на СЗО, на ФДА и на ЕМА, и  се прифаќаат вакцините кои се одобрени од светските релевантни медицински организации.

Одлуката на секој човек за тоа дали ќе се вакцинира против ковид е индивидуална. Но, за детските вакцини има календар на задолжителна имунизација којшто е регулиран со Законот за заштита на населението од заразни болести. Да се таргетираат родители на деца со дезинфомрации за вакцините и на таков начин да се намалува вакциналниот опфат, претставува сериозен ризик за јавното здравје на целото население.

Податоците од СЗО говорат дека со вакцинирање се спасуваат од 2 до 3 милиони детски животи во светот секоја година. Благодарејќи на имунизацијата, многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен здравствен проблем затоа што предизвикувале висок морталитет кај децата и возрасните или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или ставени под контрола, сведени на поединечни случаи.

Несомнено дека вакцинацијата претставува едно од најголемите достигнувања во историјата на медицината и најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно допринесува за намалување на морбидитетот и морталитетот на заразните заболувања.

Поради тоа при носењето на одлуките за вакцинација на децата родителите треба да бидат изложени на медицина базирана на докази, наместо да бидат таргетирани со полуинформации и дезинформации кои се непријател на јавното здравје. Секако во таа борба за точна информација, главна брана и штит против дезинформациите се медиумите, кои во најголем дел се наклонети кон медицината базирана на докази.

Пишува: Мирослава Симоновска

Прочитајте повеќе

Д-р Сем Пауер: Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано

Д-р Сем Пауер: Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано

Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано, можете да поставите брани, но тие ќе …