Најголемата социјална мрежа во светот, Фејсбук и нејзините платформи Инстаграм и Вотсап во текот на вчерашниот ден беа недостапни за корисниците повеќе од шест часа.

Од Фејсбук објаснија дека се работи за внатрешно техничко прашање, кое не само што влијаело на услугите на социјалните мрежи, туку, наводно, ги погодило и работните електронски адреси на вработените во компанијата.

Гигантот за социјални мрежи искажа жалење за непријатностите и преку соопштение им се извини на луѓето и бизнисите низ целиот свет кои зависат од Фејсбук.

„Нашите тимови од инженери открија дека промени во конфигурацијата на бекбоун рутерите кои го координираат мрежниот сообраќај помеѓу центрите за податоци, предизвикаа проблеми кои ја нарушија оваа комуникација. Ова нарушување на мрежниот сообраќај имаше каскаден ефект врз начинот на комуникација на нашите центри за податоци, со што нашите услуги беа запрени“, стои во соопштението на Фејсбук за глобалниот прекин на социјалните мрежи.

Од Фејсбук појаснуваат дека основната причина за прекинот била погрешната промена на конфигурацијата и тврдат дека немаат докази оти податоците на корисниците биле компромитирани во меѓувреме.

Повеќе информации за прекинот даде „Cloudflare“, компанија за безбедност на веб-страниците, која проблемот го лоцираше во BGT (Border Gateway Protocol), механизам за размена на информации за рутите помеѓу автономните системи на Интернет. Имено, рутерите имаат листи со сите можни патеки кои можат да се користат за еден пакет информации да дојде до конечната дестинација. Овие листи постојано се ажурираат и без нив Интернетот нема да работи.

„Интернетот е буквално мрежа од мрежи и е поврзан со BGP. Тоа дозволува една мрежа (на пример, Фејсбук) да им го најави своето присуство на другите мрежи кои го формираат Интернетот. Во моментов Фејсбук не го најавува своето присуство, интернет провајдерите и другите мрежи не можат да ја најдат мрежата на Фејсбук и затоа е недостапен“, стои во појаснувањето на „Cloudflare“.

Платформата „Downdetector“ која ги следи ваквите прекини, извести за околу 10,6 милиони пријави за проблеми низ целиот свет. Сепак, „Би-би-си“ пишува дека вистинскиот број на засегнати луѓе е многу поголем, затоа што повеќе од 3,5 милијарди луѓе користат Фејсбук, Месинџер, Инстаграм и Вотсап.

Според медиумите кои ги следат финансиите, прекинот во услугите на Фејсбук го чинел неговиот основач Марк Закерберг над 6 милијарди американски долари, поради паѓањето на акциите.

Закерберг им се извини на оние кои беа погодени од прекинот.

Според должината, ова е втор најдолг прекин во услугите на гигантот за социјални мрежи Фејсбук. Прекинот кој се случи во 2019 година ги остави неговите апликации недостапни низ целиот свет повеќе од 14 часа.

Извор:МЕТА