Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски на 05 и 06 октомври 2021 година, вторник и среда, ќе престојува во дводневна официјална посета на Грција.
На 05 октомври 2021 година, вторник, претседателот Пендаровски во Претседателската палата во Атина, на официјална церемонија со државни и воени почести, ќе биде пречекан од претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, по што ќе се одржат тет-а-тет средба меѓу претседателот Пендаровски и претседателката Сакеларопулу и пленарен состанок на делегациите на двете држави.
Претседателот Пендаровски ќе оствари средба и со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, а ќе се сретне и со градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис.
Во рамки на посетата, претседателот Пендаровски ќе положи венец пред Споменикот на незнајниот војник на платото пред Парламентот на Грција, ќе го посети музејот Бенаки, каде што е предвидено разгледување на архивата на Константинос Доксијадис и ќе оствари средба со амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Грција, Џефри Пјат.
За време на посетата, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, која што во рамки на дамската програма, ќе ја посети Националната галерија во Атина, во придружба на Лина Мендони, министерка за култура и спорт на Грција.
Официјалната посета на претседателот Пендаровски на Грција претставува прва историска посета што ќе се реализира на највисоко ниво меѓу двете држави.