Апликацијата за попишување на дијаспората не е пробиена, нормално е да не функционира за граѓаните од земјава

Апликацијата за попишување на дијаспората не е пробиена, нормално е да не функционира за граѓаните од земјава

Државниот завод за статистика (ДЗС) како неточни и деструктивни ги оцени серијата на написи во одредени медиуми во врска со пробивањето на веб-апликацијата која што служи за попишување на иселениците во странство. Попишувањето на иселениците започна вчера.

Во однос на внесувањето на податоци преку VPN, односно прикриена IP адреса, самото користење на таквата алатка за внес на податоци во Пописот се смета за спротивно од Законот за Попис и Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот 2021, и може да подлежи на санкции, од причина што претставува лажно претставување и лажно давање податоци.

Ваквата реакција на ДЗС доаѓа откако некои програмери, кои по социјалните мрежи тврдат дека успеале да се попишат со апликацијата преку користење на VPN, иако живеат во Македонија а апликацијата е наменета стриктно за попишување на дијаспората. Тие тврдат дека во апликацијата одбрале да се попишат како да се наоѓаат надвор од Македонија во моментот на попишување, а за причина за престој надвор од земјата ја одбрале опцијата „Друго“.

„Со самиот внес на податоците на таков начин, не значи дека тие автоматски влегуваат во резултатите од Пописот, напротив, сите податоци внесени преку апликацијата подлежат на проверка и споредување со претпописната база на податоци, со податоците што ќе се приберат со попишувањето на терен на целата територија на Република Северна Македонија, а сè со цел утврдување на вистинитоста
на податоците“, велат од Државниот завод за статистика.

Тие потенцираат дека секој податок за кој ќе се утврди дека е лажен, нема да биде земен предвид при обработката и воедно тоа ќе претставува кршење на правилата на Пописот и е казниво со Закон.

Во однос на информациите што се ширеа во медиумите дека апликацијата не работела, од ДЗС соопштуваат дека до неа може да се пристапи само со IP адреса од странство.

„Пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен, токму поради тоа што Апликацијата е наменета само за државјаните на РСМ кои живеат надвор од РСМ, но секое нарушување на процесот на прибирање податоци е казниво со Законот за Попис“, велат од Државниот завод за статистика.

Тие го цитираат членот 49 од Законот за Попис на населението, во кој се нагласува дека „тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години“.

Во однос на тврдењето на претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села дека постојат поплаки од дијаспората оти иселениците не можат да ја завршат постапката за попис преку интернет, од ДЗС велат дека сите технички проблеми се отстранети.

Од Државниот завод за статистика даваат и појаснување за постапката за користење на веб-апликацијата од иселениците. Имено, при регистрацијата на корисникот и при секој внес на податоците од страна на корисникот, во апликацијата автоматски се запишува од која ИП адреса се внесени податоците. Со пријавувањето на апликацијата корисникот се регистрира и остава свој ЕМБГ, е-маил адреса, која се верификува со праќање на е-маил за верификација, и телефонски број на корисникот. Пред да се запишат податоците за регистрација во апликацијата, корисникот  селектира дека е согласен со условите за користење.

При внесот на адресата во апликацијата, освен улица, не е задолжително полето број и стан, бидејќи во некои села не постои улица, број и стан. Од ДЗС уште еднаш потсетуваат дека сите внесени податоци ќе бидат предмет на проверка.

„Собраните податоци преку Апликацијата за самопопишување ќе се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Бројот на самопопишани лица преку Апликацијата за самопопишување не значи по автоматизам број на резидентно население на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението на ДЗС.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …