Армијата доби 23 нови офицери, од кои 10 девојки

Со денешната свеченост во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје, свечена заклетва дадоа питомци од 25. класа, а во прв офицерски чин беа промовирани питомците од 21. класа на Академијата. Северна Македонија денеска доби 23 нови офицери, од кои 10 се девојки.

Претседателот Стево Пендаровски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска присуствуваа на свечената церемонија.

Шефот на државата порача дека во Армијата нема и не смее да има место за стереотипи и предрасуди од било каков вид.

„Не случајно Армијата е институција со континуирано висока доверба меѓу македонските граѓани. Нашите луѓе препознаваат дека припадниците на Армијата се мажи и жени од збор. Како што со право секоја година велиме дека припадниците на Армијата треба да ја почитуваат дадената заклетва, така и државата мора да ги исполнува своите обврски кон своите старешни и војници“, изјави претседателот Пендаровски.

Тој додаде дека врвен приоритет во сферата на одбраната е да се грижиме за војниците и старешините, да работиме на подобрување на стандардот на сите оние кои наспроти сите предизвици ја одбрале оваа благородна, но многу одговорна животна професија, порача Пендаровски. На сите питомци тој им го честиташе давањето на заклетвата и промоцијата во чин потпоручник.

И министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска упати честитка, до како што рече, идните лидери на Армијата.

„Воената академија го отвора патот за извонредна кариера во служба на својата земја. Денеска Северна Македонија доби 23 нови офицери – 10 девојки и 13 момци кои ја завршија Воената академија, и ќе бидат пример за новата класа питомци кои го започнуваат школувањето“, кажа министерката Шекеринска.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …