Портпаролите соопштија дека заради превенција од евентуални поскапувања на основните прехранбени производи, на вчерашната седница Владата ја дополни Одлуката за определување највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и на мало, со уште три: ориз, јајца и тестенини. Цените на овие производи се замрзнуваат на ниво на цените до 1 декември и ќе важат до 31 јануари 2022 година.
„За да се заштити јавното здравје и за да се рестартира економијата како јавен интерес, Владата ја усвои информацијата за набавка на вакцини против КОВИД–19 за идната година. Утврдена е потребата од набавка на 500.000 дози од производителот Фајзер, во кои ќе бидат вклучени и педијатриските дози во количина од 1% од вкупниот број деца во Република Северна Македонија на возраст од 5 до 12 години, односно околу 10.000 дози“, информираа портпаролите Арсовски и Хоџа.
По ова прашање, портпаролите додадоа дека Комитетот за имунизација и понатаму ќе ги следи препораките на Светската здравствена организација, а за количината, доколку е потребно и постои интерес ќе бидат набавени и дополнителни дози за оваа категорија граѓани, односно деца.
„Важно е да укажеме дека вакцинацијата се одвива без закажан термин и единствен услов за вакцинација на малолетните лица е задолжително да дојдат со родител или старател“, појаснија портпаролите.
На вчерашната редовна седница на Владата е донесена и Одлука за прогласување на дел од Малешево за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел и ова се однесува за површина од 11.460,89 хектари со три зони на заштитено подрачје за заштита и унапредување на природата.
Вчера е утврден и текстот на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, кој, по ратификацијата од Северна Македонија, Албанија и Србија, ќе овозможи граѓаните на трите земји слободно да се движат и да работат во секоја од нив.
Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан е резултат на Иницијативата „Отворен Балкан“.