Џо Бајден рече дека очекува ирански напад врз Израел и упати последна порака до Техеран – „Немојтe“
Џо Бајден рече дека очекува ирански напад врз Израел и упати последна порака до Техеран: „Немојтe“, пренесе „Гардијан“.
„Ние сме посветени на одбраната на Израел. Ќе го поддржиме Израел. Ќе помогнеме да се одбрани Израел и Иран нема да успее“, изјави Бајден.
Претходно, портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби предупреди дека заканата од ирански напад врз Израел е видлива и покрај напорите предводени од Вашингтон, вклучително и повиците до Техеран да се спречи сериозна ескалација на конфликтот во Среден Исток.
Коментарите на Белата куќа дојдоа откако неколку земји, вклучувајќи ги Индија, Франција, Полска и Русија, ги предупредија своите граѓани да не патуваат во регионот, а министерот за одбрана на Израел, Јоав Галант, рече дека неговата земја е „подготвена да се брани на копно и во воздух.
Вчера, и македонското Министерство за надворешни работи, предупреди на внимание при патување во Израел, Иран, Либан и Палестина.
„Следствено на информациите за можно влошување на безбедносните состојби во Израел и регионот, Министерството за надворешни работи упатува апел до државјаните на Република Северна Македонија да избегнуваат патувања кои не се неопходни, во Израел, Иран, Либан и Палестинските територии“, беше наведено во соопштението од МНР.
Извор: МЕТА