Изјавата следува по најавите дека РКЕ отсега нема да ја одредува цената на електричната енергија, туку тоа ќе го прави ЕВН Хоум
Министерот за економија Крешник Бектеши очекува на новиот распишан тендер за избор на универзален снабдувач со електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи да се избере конкурент со помала профитна маржа, со што би можела да се намали цената на струјата на регулираниот пазар.
Актуелен универзален снабдувач е ЕВН Хоум, а наскоро ќе има нов повик за следните пет години.
„Никако нема да имаме повисока цена на струјата, имајќи во предвид дека тоа е предвидено со Законот за енергетика. РКЕ има обврска да направи надзор и да утврди дали пресметките се направени како што треба. Со последните измени на Законот за енергетика, воведовме универзален снабдувач на кого рокот му истекува наредната година, а започната е постапката за нов универзален снабдувач“, рече Бектеши по најавите дека РКЕ отсега нема да ја одредува цената на електричната енергија, туку тоа ќе го прави ЕВН Хоум.
Министерот истакна дека и по 1-ви јануари 2024 година ќе биде истиот тарифен систем. Според него, претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски ќе има право да интервенира во цената, ако се утврди дека пресметките не се направени правилно.
Извор: МЕТА