Без државна помош, со љубов, посветеност, со магијата на огнот и чеканот, Зоран ја кова својата среќа

Без државна помош, со љубов, посветеност, со магијата на огнот и чеканот, Зоран ја кова својата среќа

Во старата чаршија во Прилеп, во некогашната улица на бочварите, со автентични шестдецениски контури, мрачна и исчадена, работилницата на последниот прилепски ковач, Зоран Михајлоски прелива од радости. Ковачот Зоран (47) е стамен и цврст човек, како и занаетот што го избрал. Со верба во подобра иднина, со чесност и достоинство, со труд, пот и мака, ги ваја порачките на муштериите, но и вистинските човечки вредности.

Ова саботно утро, во доцен ноември, Зоран како и секој пазарен ден, го отвори дуќанот. Го смети, го запали огнот, го свари првото кафе. Како добар домаќин не пречека и покани да седнеме на малите столчиња на влезот. Го стави железото во печката за да се вжешти, да биде спремно за ковање. И со сладок муабет, низ голтките кафе, ја почна својата приказна стара 19 години, од времето кога го учел занаетот од дедото – татко на сопругата, поранешниот познат ковач во чаршијата, Веселин Конески.

Зоран е ковач – четврта генерација во истата ковачница, каде на исто место е малото вратниче што води по скаличките на горниот кат, истото огниште каде што се топи железото, истиот оџак, истиот чекан, дограмата на вратата, дури и триножното столче за оддишка од напорната работа.

Иако според верувањата на ковачите, на наковалната не ковале 9 ковачи досега, таа нему му носи среќа и радости во животот. Љубовта кон семејството, кон работата, кон животот во чаршијата и родниот град, не само што не го поколебале, туку му влевале огромна сила, и во најголемото невреме, во виорот на транзицијата. Муштериите и порачките се ретчеле, приходите се намалуваме, многу ковачници во чаршијата ставале,една по една, катанец на вратите, ама, тој од рана изутрина, секој ден го отворал својот дуќан, спремен да ги чуе и оствари порачките на муштериите.

Од неговата ковачница секогаш ечи духот на чаршиски, на шегаџиски Прилеп.

-Речиси две децении, секој ден ја извршувам истата работа. Со чеканот врз наковалната, со огнот, со убава мисла, чесно, достоинствено, со даден и остварен збор кон муштериите си ја работам работата. Не ми требаат државни пари! Зошто?! Доволно пари заработувам за моето семејство. Сметките ми се платени, никому не должам. Имам доволно за живот. Среќата човек ја црпи од работата, од убавиот муабет со муштериите, по успешно завршена работа-вели последниот прилепски ковач.

Во дуќанот почнуваат порачките на муштериите, вратата незапирливо крцка, а него веќе место не го држи. Станува и почнува со работа. Го извади железото од огнот, го стави врз наковалната и почна да кова.

-Во дуќанов е секогаш весело, муабети, шеги, смеа, еснафот се собира како по навика. Занаетот е тежок, ама ако го работиш со желба, никогаш нема да ти се смачи. Овој е и физички и уметнички занает, оти треба да ги извајаш со чеканот на наковалната теслите, казмите, секирите, земјоделските алатки што ги носат луѓето, ама да направиш и украсни ментешиња. И сам не се работи. Тука е Рубин- кожарот, секогаш. Си помагаме двајцата. Оти пријателството е вредност, колку и занаетот и мора да се чува, пријателот мора да умее да се почитува,-додава ковачот Зоран.

Денес се користат современи апаратури во овој занает, но фините работи може да се дотераат само со рачна работа, како што вели Зоран. Тој не стравува за работната судбина.

-За ковачкиот занает има иднина. Само треба млади луѓе кои што ќе сакаат да работат. Но, не дошол никој досега, со желба да учи. Ако пак има желба, работата ќе го направи човекот да биде силен и физички и финансиски. Ковачкиот занает тоа секому може да му го овозможи. Се додека има луѓе, ќе има земјоделство, а додека има земјоделски алатки, ќе постои ковачкиот занает, дециден е овој вреден човек.

„Да си вреден, чесен, трудољубив, да си достоинствен, да не си лаком, туку да имаш почит за луѓето-ете тоа е рецептот за успешен ковач“,препорачува Зоран.

За зорановата ковачница во старата прилепска чаршија, покажуваат интерес речиси сите, особено странските туристи. Ги привлекува тој необичен ентериер, налик на средновековните работилници, во времињата на мануфактурата, пред појавата на индустријализацијата. Тој не зборува англиски јазик, но со гестикулација, со пријателска насмевка им покажува кон сите реквизити стари со децении, кон исчадените врамените стари фотографии на поранешните чесни ковачи, обесени на темните ѕидови, и со почит, но и гордост ги испраќа.

-Работилницата и чаршијата се мој втор дом. Со љубов и посветеност ќе продолжам со работа, до крајот на мојот работен век. Вратите на ковачницата се отворени за сите млади, кои сакаат да го учат занаетот, што ќе им стави ,,златна белезица,, ќе им ја гарантира иднината на сите што сакаат да го продолжат ковачкиот занает во Прилеп, -со оваа порака не испрати ковачот.

Го отпоздравивме со надеж, дека неговите пораки ќе стигнат до некои млади луѓе, кои имаат ваква желба и кои својата идна реализација, ја препознаваат во оваа професија.

Ако појдат во улицата на бочварите во Прилеп, тој и денеска ќе ги пречека со топол збор. Од ковачот Зоран ќе го научат не само занаетот, туку и умешноста, како да се кова сопствената среќа, градена врз вистински човечки вредности!

Автор на текстот и фотографијата:

Моника Талеска

Прочитајте повеќе

„Нема откажување од иднината“ - СДСМ и Коалицијата за европска иднина го означија стартот на кампањата за парламентарните избори (Видео)

„Нема откажување од иднината“ – СДСМ и Коалицијата за европска иднина го означија стартот на кампањата за парламентарните избори (Видео)

Со настан во Музејот на современа уметност, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Kоалицијата за европска …